Ги губиме растителните ресурси, потребна е „црвена листа“ на загрозените видови
До пред 30-тина години во секоја македонска куќа можеше да се најдат по пет-шест вида чај, автохтони, од нашето поднебје. Мирисаше преубаво. Кога ќе ни дојдеа гости, ги служевме со домашно слатко. Превкусно беше. Изворно. Сега сликата е сосема поинаква. Денес одраз на нашето здравје е фрижидерот во кој чуваме „нутела“, „пикаме“ сѐ и сешто, само не интелигентна, природна храна.
Со овие зборови професорот Бесник Реџепи од Државниот универзитет во Тетово и докторанд на Универзитетот во Тирана почна да раскажува за неговото четиригодишно етноботаничко истражување.
Истражувањето го спровел во сите региони, вклучувајќи ги и пограничните области, а добил, како што вели, интересни, но истовремено и загрижувачки резултати.
– Ги губиме ресурсите. Полека се исцрпуваат раститителните видови што отсекогаш биле тука. Посебно е загрозен планинскиот чај на Шара. Сѐ помасовно се бере, но не за лични потреби како порано, туку за комерцијални, за продажба и за остварување профит. И традицијата ја забораваме. Младите си одат од селата, се информираат главно од интернет и од медиумите. Се поведуваат по социјалните мрежи и сѐ поретко ги земаат предвид сознанијата што со векови се пренесувале од колено на колено. Тоа полека влегува во менталниот склоп, во секојдневниот живот, во домаќинствата, истакнува професорот.
Како да не знаеме каде одиме и што сакаме, додава. Како да ја губиме смислата.
– Стариот начин на комуникација на луѓето со природата бил поодржлив од денешниот. Денес воопшто не се води сметка за ресурсите, за растенијата што некогаш постоеле. Интелектуалните права на луѓето кои имаат некакви сознанија не се заштитени. Државата нема претстава за нив. Во нашата потсвест сѐ уште постои информацијата, но како да има прекини во нејзиниот пренос, нагласува Реџепи.
Според него, познати бевме по тетовскиот грав и тетовското јаболко, а сега сме преплавени со некои други сорти, донесени од некаде. Тоа ја менува сликата за гастрономското потекло и за еволуцијата.
– Традицијата секогаш точно знае што прави. Веројатноста да згреши е многу мала, не е ниту еден процент. Луѓето порано точно знаеле кое растение да го посадат за да ги прочистат водите, а ние денес садиме палми среде Скопје и Тетово. Наместо да форсираме зелена архитектура – автохтони растенија што ќе ја намалат загаденоста, „се китиме“ со декоративни врби без никаква функција, забележува нашиот соговорник, поврзувајќи ги сознанијата што ги добил со актуелните „лоши“ примери.
Во контекст на истражувањето, Реџепи укажува и дека локалните пазари веќе не ја даваат реалната слика за интеракцијата на човекот со природата. Планински чај, посочува, може да се најде секаде, иако станува збор за автохтона култура.
Но, причини за генетската ерозија не се само миграцијата, сѐ послабото негување на традицијата и несовесното однесување кон ресурсите. Ваквиот поцес, смета професорот, посебно се интензивираше откако институциите ја презедоа власта на локално ниво.
Нане, костен, коприва, кантарион, мајчина душичка…
Исфралање камен од бубрег, болки во увото, уринарни, респираторни или проблеми со нервниот систем – секое (лековито) растение кај локалните жители има своја специфична употреба што, според истражувањето, не секаде се задржала и денес.
– Во Македонија доминираат бозел, кантарион, мајчина душичка, костен, јоргован, коприва… Има и локвањ, охридски локален ресурс што расте во вода. Секое растение има своја употреба. Лековитите видови од Шара претежно се користат за респираторни, а оние од Струшко за уринарни проблеми. Интересно е растението лимонска киселина што се употребува за проблеми со нервниот систем. Во селото Косел, пак, се користи растение за вадење камен од бубрег. Локалните жители поради тоа му измислиле и локално име протока. Вакви случаи има многу, потенцира професорот.
Нешто изобилува на Шар Планина, нешто на Пелистер. Во југозападниот регион, Охрид, Струга, Кичево, има претежно нане, лаванда, дури постои и тенденција за нивна култивација. Во Полошко, пак, на Шара, кантарионот е број еден, а потоа се копривата, нането, мајчината душичка и босилекот.
– Секој локален ресурс има свои, специфични растенија, а луѓето кои гравитираат во тој дел наоѓаат начин како да ги користат. Ако некој вид е загрозен, може да се внесе повторно, вели Реџепи.
Четири години на терен
Во истражувањето вклучил три етнички групи: Македонци, Албанци и Горани, а фокус му биле лековити растенија, јадливи и т.н. од материјална култура (за алатки, мебел). Одел од куќа во куќа и претежно барал да разговара со постарите кои имале над 60 години. Некогаш дури прашувал и какви пити се правеле порано, со што, со кои диви растенија. Врз основа на гастрономијата, сакал да ги добие одговорите.
Увидел дека влијанието на религијата било големо и дека се одразило врз традиционалните ботанички сознанија и позитивно и негативно. Регистрирал разлики во користењето и толкувањето на одредени растенија од различни етнички групи, иако тие живееле на иста територија и делеле ист екосистем. Ако некои растенија кај нас се користеле за нешто и се нарекувале некако, во Грција, Србија или Албанија имале поинакво име, а и за друго се употребувале. На различни локалитети, едно исто растение не само што поинаку се вика туку има дури и по четири-пет различни имиња.
– Ако се спореди како исти растенија се употребуваат во една, а како во друга држава, ќе видиме огромни разлики. Резултатите за албанската етничка група се поблиски со тие од Србија и Босна. Резултатите се совпаѓаат и со другите земји од СФРЈ, но во делот кај границата со Грција, на пример, иако се работи за исти локални ресурси, нема никаква поврзаност. Ова укажува дека системот може да влијае врз сознанијата или да прави некаква бариера. Сличноста со Грција е само пет проценти, а зборуваме за исти растенија, објаснува професорот.
Да ги зачуваме културните обележја
Своите сознанија Реџепи ги документирал во посебна база на податоци.
Преку ваквите, етноботанички истражувања, вели, не само што може да се научи многу за врската меѓу луѓето и растенијата, туку може да се добијат и нови лекови.
– Ако во одредено место луѓето инсистираат дека одредено растение има ефект врз некоја тегоба, тврдат и веруваат во тоа, кажуваат приказни, тоа е индикација дека сепак треба да се провери дали растението навистина има некаков ефект и од него да се направи нов лек, подвлекува професорот.
Од друга страна, од аспект на образовниот процес, негова сугестија е во наставните програми, посебно на факултетите, студентите повеќе да го изучуваат она што веќе на извесен начин го знаат наместо да се оптоваруваат со апстрактни работи.
– Нашите студенти знаат што е јоргован, виделе јаболко и костен, знаат како изгледаат мајчина душичка и кантарион. Од овој аспект имаат многу поголема предност во однос на нивните колеги во Њујорк, на пример. Тоа треба да го искористиме. Да им понудиме нешто ново, нешто што го знаат и што може да го искористат, па дури и да го материјализираат, вели Реџепи.
Професорот продолжува со истражувањата. Битно му е одржливо да се искористуваат генетските, локални ресурси. Уште еднаш нагласува дека тоа што го правела традицијата со векови е поодржливо.
– Треба да се вратиме кон корените, да видиме што правеле нашите предци, зашто полека сѐ се менува. Се губат културните обележја, но и сознанијата, предупредува професорот Бесник Реџепи./МИА