Судењето за случајот „Насилство во Центар“ продолжува со изјави на повиканите сведоци од страна на обвинителството. На денешното рочиште со сведочење ќе продолжи актуелниот градоначалник на општина Центар, Саша Богдановиќ, кој за време на нападите во Општината бил присутен во својство на в.д. директор на јавно претпријате.
Богдановиќ претходно нападите на толпата граѓани во Општина Центар, кои се случија за време на седницата што се одржа на 7 и 10 јуни 2013 година, на чија точка на дневен ред беа ДУП-овите со кои беше засегната црквата „Св. Константин и Елена“, ги спореди со оние што подоцна се случија на 24 декември пред Собранието при гласањето на буџетот на Владата и 27 април минатата година при насилниот упад на граѓаните во парламентот.
Тој на 7 и 10 јуни 2013 година бил во просториите на Општината, каде што заседавал Советот, во функција на в.д. директор на јавното претпријатие „Паркинзи на општина Центар“, бидејќи една од петнаесетте точки на дневниот ред биле поврзана со претпријатието.
Во овој случај обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште девет лица.
Тие се товарат за поттикнување насилство, кое се случи за време на протестите пред Општина Центар во јуни 2013 година.