На снимката од камерата со број 14 која е поставена во ходникот што води од холот Лаборес до прес-центарот на Собранието на РМ може да се види како обвинетиот Горан Ѓошевски, шеф на обезбедувањето на експретседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, на обвинетите Никола Митревски Кољо, Стефан Младеновски, Дејан Давидовски, Младен Додевски и уште неколку лица со рака им покажува во кој правец да се движат.
Пет минути подоцна Ѓошевски разговара со едно лице од обезбедувањето на Собранието по што се враќа кон холот Лаборес од каде влегуваат и останатите граѓани, меѓу кои се гледаат и лица со фантомки.
Покрај гестикулациите за време на упадот со сега обвинетите, Ѓошевски од упадот на граѓаните во 18 часот и 45 минути па сè до пуштањето на шок-бомбите и солзавецот, во 10 минути пред 21 часот, од безбедносните камери се забележува и како цело време комуницира на мобилниот телефон.