Дваесетмина уапсени за издавање потврди за потекло и пасоши во Бугарија
Бугарската полиција уапси повеќе од 20 лица откако изврши претрес во просториите на Државната агенција за Бугарите во странство. Меѓу уапсените се директорот на агенцијата Петар Харалампиев и генералниот секретар Красимир Томов. Обвинителството ги сомничи за фалсификување документи, злоупотреба на службена положба и корупција во процесите за издавање на бугарски пасоши.
Се работи за организирана група која ги злоупотребила своите должности, фалсификување документи и поткупи. Во овој момент се работи за повеќе од 20 лица. Она што можам сега да го потврдам е дека се задржани дел од раководството на Државната агенција за Бугарите во странство, заклучно со претседателот, изјави Иван Гешев, заменик главен обвинител.
Од обвинителството потврдија дека целата истрага е во насока токму кон издавањето бугарски пасоши на лица родени надвор од Бугарија. Додадоа дека станува збор за обемна истрага за која повеќе детали ќе соопштат утре.
Всушност истрагата е во насока на токму тој вид документи и како што кажа и г-дин Гешев се однесува и на земање поткуп, вели заменикот претседател на Антикорупциската комисија Антон Славчев.
Според податоците од бугарските власти до сега се издадени 153.000 пасоши а 38.000 се во процедура. Најголем интерес имало во Македонија, од каде само минатата година биле поднесени дури 10.000 барања за потврди за потекло а потоа следат Србија, Молдавија, Албанија и Русија. Според неофицијални информации на бугарските медиуми, раководството на агенцијата наплаќало по 5.000 евра за една потврда за потекло а обвинителството утврдило дека тие издавале по 40 такви секоја недела. Во Македонија пак се спомнуваат многу помали цени, неофицијално, целата процедура за добивање бугарски пасош чини меѓу 350 и 500 евра.