Припадниците на Mинистерството за внатрешни работи на 27 април дури во 20 часот и 50 минути, односно по нешто повеќе од 2 часа откако дел од граѓаните влегоа во Собранието, го блокираат патот за останатите граѓани од холот Лаборес да не се упатат кон прес-центарот.
Во овој момент од вечерта на крвавиот четврток дел од службените лица со панцири и шлемови се упатуваат кон прес-центарот, а дел стојат во ходникот за да го оневозможат понатамошното движење на граѓаните со помош на солзавец и шок-бомби, кои исто така се забележливи на снимките од собраниските камери.
Според снимките од безбедносните камери во Собранието, оваа акција на полицијата е задоцнета со оглед на тоа дека претходно од истиот ходник влезе поголема група граѓани која се упати кон прес-центарот каде што беа нападнати пратениците.
Од упадот на граѓаните во 18 часот и 45 минути па сè до пуштањето на шок-бомбите и солзавецот, во 10 минути пред 21 часот, од безбедносните камери се забележува како шефот на обезбедувањето на Трајко Вељаноски, обвинетиот Горан Ѓошевски, комуницира на мобилниот телефон.
На снимката исто така може да се види и како нешто по 21 часот пратеникот Влатко Ѓорчев се упатува кон прес-центарот.