Денешното рочиште за случајот „Титаник 2“ се претвори во натпревар во знаење на кривичното право помеѓу одбраната на обвинетите и обвинителството, конкретно помеѓу адвокатот Петар Василев и обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи, откако на самиот почеток од судењето Василев имаше приговор на изјаснувањето на Фетаи во однос на доказите поднесени од страна на одбраната.
Тој почна да ги набројува членовите од кривичниот закон во кои, според него, се вели дека обвинителството во оваа фаза на процесот нема право на приговор за доказите поднесени од одбраната.
„Господине Василев, очигледно сакате да ги користите бројките на членовите во своите излагања, јас ѝ дадов збор на обвинителката Фетаи, таа не приговара“, рече судијата Огнен Ставров.
По препирката помеѓу обвинителството и одбраната рочиштето беше одложено за 13 ноември бидејќи обвинетиот Бедредин Ибраими најави дека ќе поднесе нова листа на докази. Ибраими побара судот да направи увид во примопредавањето на предметот од Основното јавно обвинителство до СЈО.
Тој исто така се посомнева во рокот во кој ова обвинение е поднесено од страна на СЈО, на што реагираше обвинителката Фетаи, која кажа дека обвинителството има право да поднесе обвинение во најмногу 18 месеци откако ќе ги добие материјалите и прислушуваните разговори.
„Цело време интенцијата ви е дека сме немале право да поднесеме обвинение. Само да го потсетам Бедредин на одредбата од законот каде се наведува дека јавниот обвинител кој раководи со СЈО може да покрене обвинение не подолго од 18 месеци од земање на предметите и материјалите“, рече Фетаи.
Одбраната исто така ја предложи портпаролката на Државната изборна комисија, Љупка Гугучевска, за сведок во предметот.
Во „Титаник 2“, случај што се однесува на изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година, обвинети се лидерот на ДПА, Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.