Заев: Ќе се отвори транспарентна дебата за локацијата на новиот Клинички центар
Кога ќе се направат потребните анализи за изградба на новиот клинички центар, ќе ги соопштиме и ќе отвориме транспарентна дебата. Секоја идеја и предлог се добредојдени. Грубо, инвестицијата за проектот ќе биде 450 милиони евра, а се разгледуваат три локации: Бардовци, Петровец и Ѓорче Петров, соопшти денеска премиерот Зоран Заев, одговорајќи на пратеничко прашање.
Битно е, нагласи Заев, да се исполнат потребните критериуми за ваков комплексен зафат, особено технички подготвено земјиште и пристапно. Не треба да се потрошат туку така парите на граѓаните.
Според премиерот, одлуката новиот Клинички центар да не се гради во Бардовци е донсена со помош на меѓународни експерти, а причината за отфрлањето на оваа локација е малиот, збиен простор како „тесно грло”.
-Не треба да градиме по која било цена, особено ако проектот нема капитален развој. За новиот клинички се предвидени 120.000 метри квадратни. Формирана е комисија која како локации ги разгледува Бардовци, Ѓорче Петров и Петровец, истакна Заев, додавајќи дека нему лично попримамлива му е Ѓорче Петров, а во Петровец, според анализите, земјиштето е мочурливо.
Претседателот на Владата најави дека за неколку дена ќе биде претставена физибилити студијата, а потоа ќе се премине на идејното решение. Дури потоа ќе се утврдува локацијата.
-Негуваме надеж дека ќе вратиме дел од парите со впаричување на локацијата, напомена Заев, одговорајќи му на пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Димовски го праша Заев и за парите за општините, но побара од него и да наброи кои фабрики почнале да се градат откога СДСМ е на власт.
-Владата сака да се фали со извоз и со странски директни инвестиции. Факт е дека има покачување во степенот на странски инвестици, но најголем дел, над 52 отсто, тоа не се пари што доаѓаат од странство, туку од реинвестирана добивка создадена во фабриките изградени во времето на претходната влада, посочи Димовски.