Втората половина на јануари е реалниот временски период до кога власта очекува дека ќе заврши процесот на измените на Уставот, кои произлегуваат од Договорот со Грција за решавање на спорот за името. Се очекува дека сите рокови ќе бидат запазени и оти земјата ќе може непречено да продолжи да чекори по патот на интегрирање во ЕУ и НАТО.
Во уставните амандмани треба да бидат вградени и конкретните сугестии од новата пратеничка група, составена од осуммината пратеници од опозицијата, кои на 19 октомври дадоа поддршка за отпочнување на процесот за измени на Уставот на Република Македонија. Сугестиите одат во насока на опфаќање на три од четирите точки кои овие пратеници ги предложија – делот за зајакнување на македонскиот идентитет, гаранцијата дека процесот ќе биде истеран до крај и нема да биде повторно блокиран од Грција, односно дека уставните амандмани ќе влезат во сила со рафитикацијата во грчкиот Парламент и во делот на внатрешната примена на новото име.
Косултациите се во тек со сите политички партии и очекувањата се дека тие ќе завршат до петок. Власта не очекува блокади од опозицијата во процесот на уставни измени.
За процесот на уставните измени е консултирана и грчката страна, што не е обврска, која произлегува од Договорот, но е во духот на пријателството и партнерството.
Премиерот Зоран Заев вчера истакна дека деловничките рокови се јасно определени и оти во рамки на тие рокови и се водат дискусиите.
-Ако ние на 5 ноември на седница на Влада ги усвоиме нацрт амандманите и ги пуштиме до Собранието, за 30 дена треба да се закаже седницата. Седницата ќе се закаже во рамки на 30 дена, согласно Деловникот и ќе се отвори дебатата во Уставната комисија и во Законодавно правната комисија. Секако вака утврдените рокови се јасно прецизирани во Деловникот и во рамки на тие рокови се водат сите дискусии, па затоа и си дозволуваме да проектираме датуми за втората половина на јануари, рече Заев и уште еднаш како квалитетен го оцени завчерашниот состанок со новата пратеничка група.
Тој е во редовна комуникација со неговиот грчки колега Алексис Ципрас и двајцата не очекуват пролонгирање на процесот.
За консултацијата со грчката страна вели дека не е обврска од Договорот, но оти сепак, како што рече, „во духот на партнерството и пријателството ред е да презентираме што македонскиот Парламент ќе одлучува во периодот што доаѓа“.
Уште еднаш изрази уверување дека до петок ќе направат сите неопходни консултации.
Тој изјави оти не верува дека ќе се случи блокада од страна на опозицијата на процесот во Собранието оти вели нема потреба за тоа.
Устав на РМ
За тоа што ќе содржат амандманите, дали во нив ќе бидат вклучени предлозите на БЕСА, но и оној на вицепремиерот Бујар Османи за вклучување на Охридскиот рамковен договор во преамбулата на Уставот вчера се огласија премиерот, министерката за одбана Радмила Шекеринска и пратеникот од ДУИ Артан Груби.
Заев во врска со тоа дали ќе бидат разгледани предлозите на БЕСА, рече дека тој лично ја разбира креативноста на опозицијата, но на крајот, додаде премиерот „знам дека никој нема право и нема да направи каква било условеност на интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ.
-Веројатно нема да дозволиме ширење на Пандорината кутија. Тоа го знаат сите, а ред е и јас да го потврдам. Парламентот е конечно тој што одлучува. Ние сме само предлагачи, додаде премиерот.
За прашањето за вклучување на Охридскиот рамковен договор во преамбулата на Уставот тој рече дека ова не е утврдено прашање и допрва ќе се разговара или се разговара на потпретседателско ниво.
-Охридскиот рамковен договор е составен дел од Уставот на РМ. Тој веќе е вграден по потпишувањето на Рамковниот договор. Сакам да упатам порака дека инклузивноста на процесот е важна, но притоа не смееме со своите амбиции да го застанеме целиот процес и го минимизираме времето неопходно за донесување на сите неопходни чекори што се проектирани некаде за средината или втората половина на јануари. Тоа е суштината на уставните промени, а во рамки на таа суштина веќе гледам дека имаме многу внимателен начин на предлагање на дополнението на уставните амандмани што ќе го гарантираат идентитетот, потребата од верификација или ратификација на договорот од грчка страна, како и внатрешната примена што сето е во духот на договорот, нагласи премиерот.
Шекеринска рече дека во моментов не може да зборува за содржината на уставните амандмани, бидејќи на тоа се работи.
За барањето на Османи потсети дека Заев разговарал со новата пратеничка група, за, како што потенцира, „да најдеме заеднички јазик што ќе овозможи и во второ и во трето гласање да се обезбеди двотретинско мнозинство“.
– Очекуваме до крајот на неделата дебатата во Влада да заврши и до Собранието да ги испратиме предлозите за уставните измените, рече вицепремиерката и министерка за одбрана Шекеринска.
Пратеникот на ДУИ Артан Груби вчера истакна дека контактите меѓу партнерите во коалицијата ДУИ и СДСМ се секојдневни и контактот со премиерот Зоран Заев е исто така секојдневен. Смета дека подготовката на нацрт – амандманите во Владата ќе биде консензуална и во духот на коалициското работење и делување во Владата, како и во Собранието.
Во врска со тоа дали ДУИ ќе инсистира во Преамбулата на Уставот да биде ставен и Рамковниот договор, тој рече оти верува дека во Собранието ќе пристигне консолидиран текст на нацрт амандмани, но не само меѓу СДСМ и ДУИ, туку и со Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“.
Изрази убедување дека ќе се зголеми бројот на пратеници што во иднина ќе ги поддржат уставните амандмани.
За иницијативите на Беса и на Алијанса на Албанците за вметнување на нивните предлози во уставните амандмани, пратеникот Груби вели дека нивните пратеници покажале незнаење на Деловникот, бидејќи веќе гласале за тоа што ќе се менува во Уставот.
– Не може да се интервенира во други членови освен во тие што се менуваат. Затоа сметам дека ова е иницијатива за дневно-политичка пропаганда и за протнување на големи теми на мали партии на мала врата, посочи Груби.
Власта и натаму инсистира на процесот на помирување, кој треба да се реализира преку Координативното тело за помирување, што ќе биде фомирано во Собранието, а ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека треба да биде прифатен нивниот предлог-закон за амнестија на сите вклучени во настаните во Собранието од 27 април минатата година.
Заев во однос процесот за помирување смета дека ќе се приклучат сите пратеници од опозицијата.
Коментирајќи ја изјавата на вицепремиерот Османи дека дел од оние кои биле вклучени во настаните од 27 април можеби биле колатерална штета и оти не е исклучена можноста за нив да има амнестија, шефот на Владата подвлече дека се залага за процес на помирување.
-Секој може да има свој аспект, ние сме демократска влада. Јас го почитувам начинот на разгледување, на посветеност да се постигне конечната цел, а тоа е еден вид национално обединување-интеретничко и интраетничко што ни треба во Македонија. Јас зборувам за помирување, не зборувам за амнестија. Помирувањето, како процес, ќе го видите преку едно координативно тело во Собранието каде што ќе работи на севкупното сегашно помирување, но и перспективите што се отвораат пред Македонија, рече Заев.
Шекеринска во однос на предлог-зкаонот за амнестија и изјавата на вицепремиерот Османи дека не се согласува со амнестија, но би ја протнал за одредени луѓе во собраниското тело за помирување, децидна дека на Македонија и треба помирување, но исто така и е неопходна и правна држава.
– Граѓаните очекуваат правната држава да функционира. Ние нема да направиме ништо со што ќе ја загрозиме таа правна држава. За сите теми ќе дискутираме, на сите прашања ќе дадеме одговор, меѓутоа Владата не е тука ниту да се меша во судството, ниту да се меша во обвинителството, изјави Шекеринска.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со соочува со натамошни превирања во нејзините редови, откако вчера од функции во партијата си заминаа уште две пратенички. Партијата и натаму на ставот дека отфрлањето на амнестија е доказ дека власта е за селективна правда.
Портпаролот на партијата, Наум Стоилковски истакна дека предлогот поднесен од ВМРО-ДПМНЕ бил конструктивен и принципиелен кон намалување на поделеноста во општеството.
-Глумењето на власта дека е за правда и за правна држава е смешно гледајќи како во целост го погази Уставот, позитивните закони, домот на демократијата, угледот на пратениците, образот на гласачите, го погази мислењето на Суверенот на државата – граѓаните, рече тој.
Најави дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во комисијата.
ВМРО-ДПМНЕ се соочува со нови преструктуирања, откако оставки од партиските функции вчера поднесоа претседателката на Унијата на жени и пратеничка Даниела Рангелова, како и генералната секретарка на Унијата на жени пратеничката Лилјана Затуроска. Рангелова изрази несогласување со актуелното раководство на партијата. Во изјавата за МИА кажа дека и покрај несогласувањата со раководството на партијата, таа останува дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Во врска со начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ понатаму ќе дејствува во Собранието, откако се намали бројот на нејзините пратеници од 51 на 39, се поизвесно е дека десетте пратенички групи ќе се спојат во една. Партијата остана со помалку пратеници, по заминувањето на осуммината, кои кажаа „за“ почеток на процесот на уставни измени, а некои од нејзините десет пратенички групи повеќе не ги исполнуваат прописите на Деловникот, според кои една пратеничка група треба да има најмалку пет пратеници.
Опозициската партија во иднина најверојатно во Собранието ќе дејствува со една пратеничка група, а не како досега со десет, веќе најави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев. И најверојатно, како што кажа, тој нема да биде нејзин координатор.