Грчкиот премиер, Алексис Ципрас, изјави дека планира во новата верзија на Уставот да се воведе верска неутралност, додавајќи дека е уверен дека Црквата тоа ќе го поддржи.
„Црквата и државата имаат мудрост своите односи да ги стават на рационална основа“, рекол Ципрас на состанокот на неговата партија „Сириза“, нагласувајќи дека е време во Уставот да се воведе верската неутралност, пренесува грчки весник.
Весникот додава дека Ципрас не објаснил како ќе изгледаат тие нови односи.
Грчкиот премиер го повторил својот предлог за воведување пропорционален изборен систем и воведување конструктивно гласање за недоверба на Владата, односно на институција која ќе го отежнува процесот за поднесување барање за гласање недоверба.
Исто така, рекол дека сака усвојување на предлогот, кој би наложувал премиерот да мора да биде избран пратеник, за да се избегнат политички ситуации во кои премиерот не е избран со популарен глас, пренесе грчки весник.
„Нова демократија“ го критикува Ципрас, порачувајќи дека со ревизија на Уставот сака да го пренасочи вниманието од неуспехот на Владата.