„Secret place“ тајното место на Тоше

Два спота за две до сега необјавени песни од Тоше Проески, ќе се промовираат на утрешниот концерт посветен на Тоше, во ВИП Арената. Англискиот албум „Secret place“ денеска беше промовиран во скопскиот хотел “Парк”.

На промоцијата беше и внукот на Тоше, Кристијан како и голем број на естрадни уметници и пријатели на Проески.

„Имавме макотрпна работа во текот на овие две години. На албумот има 7 сосема нови песни, и 3 демо верзии“, изјави Андреј Николовски од меѓународната Фондација Тодор Проески.

Според англискиот композитор, Енди Рајт, кој беше гостин на промоцијата, песната „Secret place“ по која е насловен албумот зборува за тајното место кое Тоше го имаше кога сакаше да избега од сѐ.

„Имав блиска соработка со семејството на Тоше. Да беше жив, ќе снимавме уште стотици песни заедно. Тоше пееше на совршен англиски јазик и среќа е што неколку ни останаа уште додека го работевме претходниот албум на англиски на Јамајка, во 2006 година. Тој пееше од срце и од душа“,  изјави Рајт.

Рајт додаде дека се надева оти публиката ќе ужива во новите песни и во обработките на старите: „Боже, чувај ја од зло“, „Игри без граници“ и „Среќна ли си ти“. 

Фото: Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави