Владата ги усвои нацрт-амандманите на Уставот, Заев очекува поддршка од сите пратеници

Владата ги усвои нацрт-амандманите на Уставот, Заев очекува поддршка од сите пратеници

Владата денеска на седница го усвои текстот на нацрт-амандманите  на Уставот на РМ согласно договорот од Преспа и заклучоците на македонското Собрание.

На прес-конференција во Владата денеска нацрт-амандманите ги соопшти премиерот Зоран Заев, кој рече дека четирите амандмани се едноставени, немаат ништо спорно и се во согласност со меѓународните стандарди и заслужуваат поддршка од сите пратеници во име на интеграцијата во ЕУ и НАТО.

Нацрт амандаманите се утврдени низ иклузивен процес и во нив се вградени предлозите на новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ во македонското Собрание. Пратениците во Собранието, како што појасни Заев, имаат можност низ дебата и амандмани да го подобрат текстот на предложените нацрт-амандмани.

Првиот амандман се однесува на замената на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија секаде во Уставот освен во членот 36 каде има историски аспект.

Вториот се однесува на Преамбулата на Уставот, каде, како што рече Заев, одлуките на АСНОМ  се заменуваат со Прогласот од Првото заседание на АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен договор да биде конститутивен елемент на државата.

– Делот на АСНОМ се однесува на замена на одлуките со Прогласот на АСНОМ, заради тоа што, ако остане вака, тоа би предизвикало одредени проблеми во одредени можни идни времиња на соработката меѓу Македонија и Грција. Тоа е така затоа што дел од одлуките на АСНОМ велат „Македонци од Грција и Бугарија обединете се”. Прогласот го нема тој дел, туку во него се зборува за единството во државата,  демократијата, државотворноста, слободата, човековите права и слично и тоа е фер пристап за градење пријателство. Впрочем, Договорот или Спогодбата со Грција е воспоставување на трајно пријателство со нашиот јужен сосед, појасни Заев.

Во однос на Охридскиот рамковен договор, кој се вметнува во Преамбулата на Уставот, премиерот рече дека овој договор и досега бил вграден целосно во Уставот, но оти аргументите што биле дадени во дебатата биле дека кога веќе се отвара Уставот, тогаш и тој да се вгради за да биде конститутивен елемент.

– Тој е дел од Уставот, вграден е, и тука само се додава формулацијата Охридски рамковен договор, рече Заев.

Во третиот амандман се додава само еден став, а тоа е  Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави, што дава посилни гаранции за трајност и неповредливост на границите со Грција, иако се однесува за сите соседи.

Во четвртиот амандман, покрај потврдување на македонскиот идентитет, стои дека Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината.

– Токму тоа е за нашата дијаспора, за која останува грижата, но на еден европски начин. Направена е една преформулација на членот 49 за да не предизвика одредени други пречки во иднина. Републиката се грижи за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни  работи. На едноставен начин е прецизирано, но конечно е отстранета која било загриженост од двете страни во преговорите за што било во иднина да претставува пречка во градењето на пријателството меѓу Република Македонија и Република Грција, рече Заев.

Оцени дека по првпат во Македонија е обезбедено двотретинско мнозинство за вака важни прашања за државата и апелираше да продолжи дијалогот и дебатата со пратениците. Повтори уште еднаш дека не постои можност за подобар договор, ниту за нов договор и оти станува збор за праведен и еднаков договор со придобивки за двете страни.

– Верувам дека на крајот сите ќе се одважиме и ќе ја понесеме одговорноста која што ни е дадена од граѓаните да носиме одлуки во нивно име и да ги ставиме во позиции на подобар и квалитетен живот којшто сакаат да го имаат дома. Собранието на Република Македонија е институција, а пратениците се народни избраници кои ќе ја донесат одлуката слободно, следејќи го интересот на граѓаните, истакна Заев.

Нацрт-амандманите ќе бидат јавно објавени и достапни за јавноста. Тие ќе бидат доставени до Собранието на Република Македонија каде во рок од 30 дена ќе бидат разгледани по што ќе се организира јавна дебата. Потоа повторно се враќаат во Владата каде ќе бидат утврдени како уставните амандмани по што повторно се доставуваат до Собранието каде во рок од 30 дена треба да се одржи и финалната пленарна седница на која ќе биде потребно двотретинско мозинство.

Треба да знаете
Последни објави