Работилница за поттикнување иновации меѓу средношколците од Македонија

Работилница за поттикнување иновации меѓу средношколците од Македонија

Ученици од основни и средни училишта во Македонија денеска презентираа иновативни проекти во рамки на иницијатива „Петок за млади” на Фондот за иновации и технолошки развој, со цел да се поттикнат креативните вештини и иновативноста кај младите.

Во рамки на манифестацијата Макинова која е поддржана од Фондот, на саемот Технома се одржа „Креативна работилница за младинско творештво”, ученици од неколку средни училишта од Македонија ги претставија своите иновативни проекти што ги изработија во рамки на работилниците организирани од страна на Сојузот на здруженија за техничка култура на Република Македонија – „Народна техника”, како и средношколците од „Михајло Пупин” и „Јосип Броз Тито” од Скопје чии проекти се избрани во рамките на „Предизик за млади” на ФИТР.

– Денеска сме тука како продолжување на серијалот „Петок за млади”, што го инициравме пред две недели што го реализира Фондот за иновации и технолошки развој. Целта е преку посебен вид програми и иницијативи да го поттикнеме развојот на критичкиот, креативниот потенцијал и иновативниот дух кај младите. Кога зборуваме за младите посебен фокус за иницијативата „Петок за млади” е дадена на учениците односно на основците и средношколците. Минатиот пат имавме повеќе фокус на основните училишта, денес имаме гости ученици од повеќе средни училишта кои учествуваат во дел од програмите што ги реализира Фондот, рече Јован Деспотовски, директор на ФИТР.

Истакна дека Предизвикот за млади истражувачи е програма во чии рамки доделиле  финансиска поддршка за 20 основни и средни училишта за развивање различен тип иновативни проекти и оти денес се презентирани дел од решенијата кои произлегле од тие проекти.

– Ќе најавиме продолжување на нов повик за млади истражувачи што ќе го објавиме во наредните неколку недели, со кој целта е преку вложување средства од страна на Фондот за иновации да се промовира критичен креативен потенцијал иновативен дух кај младите, при што очекуваме сите да станат претприемачи, двигатели не само на економијата, туку и на целото општество, изјави Деспотовски.

Коста Трпковски, претседател на Организацискиот одбор на манифестацијата „Макинова”, што се одржува по 39. пат и „Еконова” по 16. пат, посочи дека на овој настан млади луѓе ги изложуваат своите иновации од основните и средни училишта и група на правни субјекти кои изложуваат пронајдоци.

– Настанот, што за првпат годинава е организиран заедно со ФИТР, е традиционален и дава белег на пронаоѓаштвото во Македонија, масовен е, особено во делот на деца и млади, додека во рамки на „Еконова” се промовираат проекти за унапредување и подобрување на животната средина, рече Трпковски.

Учениците и посетителите имаа можност да ги видат проектите „Хигиена на забите со еколошка паста” изработен од учениците од „Ацо Русковски” од Берово, „Теслин трансформатор” на учениците од средното училиште „Коле Нехнетин” од Штип, проектот „Вертикален плотер” на учениците од средното училиште „Јахја Кемал” од Скопје како и  проектот на средното училиште „Михајло Пупин” за изработка на оригинален 3Д принтер за кој користат посебна софтверска програма.

Меѓу проектите што беа изложени се и „Еко фрижидер”, „Еколошка соларна термоелектрана”, „Биоапсорбирачки васкуларен стент”, „Електроекономски уред”, „Машина за гравирање со ласер” и други.

Целта на работилницата е учениците да разменат практични искуства кои ќе ги поттикнат да работат на нови иновативни проекти, надвор од училниците, преку интеракција и дружење.

Треба да знаете
Последни објави