Ципрас: Преспанскиот договор носи придобивки за економскиот развој на Југоисточна Европа

Ципрас: Преспанскиот договор носи придобивки за економскиот развој на Југоисточна Европа

Пред една година започнаа напорите на нашите земји. Четиристраните состаноци станаа институција, изјави денеска грчкиот премиер Алексис Ципрас по средбата со колегите од Бугарија и Романија Бојко Борисов и Виорика Данчила и претседателот на Србија Александар Вучиќ во резиденцијата „Евксиноград” крај Варна.

– Кога почнаа нашите средби, работите на Балканот и во регионот не беа толку оптимистични.  Денес, тешкотиите остануваат, но презедовме многу важни чекори. Дојде важното бугарско европретседателство, кое го нарековме Балканско. Ние веќе зборуваме за претстојното романско претседателство, за кое се надеваме дека ќе донесе нова перспектива за Западен Балкан, рече Ципрас.

– Во периодот меѓу двете претседателства, се случи историски настан – Преспанскиот договор, кој претставува решение на еден долгогодишен проблем, кој се однесува на целиот регион. Тој договор ќе има повеќе придобивки за просперитетот и економскиот заеднички развој на Југоисточна Европа. Исто така, може да помогне да се продлабочи развојот на целиот регион, особено меѓу Северна Грција и Поранешната југословенска република Македонија, и да го претвори регионот во голем транспортен центар, појасни грчкиот премиер.

Тој истакна дека сега постои можност да се потенцира значењето на пристапниот процес на Југоисточна Европа, и посебно Србија. Воедно Ципрас изрази поддршка за напорите на српскиот претседател Вучиќ да го продолжи дијалогот со Косово.

На прес-конференцијата, грчкиот премиер ги најави и инфраструктурните проекти кои следуваат во регионот.

– Денеска со бугарскиот премиер ќе потпишеме заедничка декларација, со која ќе бидат дефинирани чекорите и распоредот на реализација на два важни проекти поврзани со модернизацијата на железничката врска Александрополис – Бургас. Се согласивме да изградиме пат од Александрополис до областа Марица, на бугарско-грчката граница, кој потоа ќе биде поврзан со постојните патишта за Софија, Варна и Бургас.  рече Ципрас.

Тој, исто така, изрази задоволство од можноста да се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој од вчера престојува во Бугарија, оквалификувајќи го како „многу важен прихател и соговорник”.

Според грчкиот премиер, Израел може да игра многу важна улога во регионот.

Треба да знаете
Последни објави