Гласањето на референдум за независност на француската прекуморска територија во Тихиот Океан, Нова Каледонија започнува во 22 часот по средноевропско време. Правото на глас имаат 174.000 лица, а гласањето ќе трае десет часа.
На граѓаните на Нова Каледонија ќе им биде поставено прашањето дали сакаат Нова Каледонија да добие целосен суверенитет и да стане независна, а набљудувачите сметаат дека гласачите најверојатно ќе изберат да останат со Франција.
Територијата ужива високо ниво на автономија, но од Франција добива 1,3 милијарди евра годишно преку субвенции за одбрана, полиција, надворешни работи, судство и образование. Многумина стравуваат дека независноста ќе ја наруши економијата на Нова Каледонија.
Референдумот е резултат на процес кој започна пред три децении, со цел да се стави крај на насилството меѓу поддржувачите и противниците на независноста од Франција.
Во судирите меѓу двете струи, животот го загубија повеќе од 70 лица, а тоа во 1988 година доведе до договор меѓу домородните Канаци кои се залагаат за независност и европските новодојдени лица кои се поблиску до идејата да се биде во Франција.
Ако исходот од референдумот е негативен, Нова Каледонија ќе има уште две прилики да се изјасни за својот статус до 2022 година. На архипелагот живеат околу 270.000 луѓе.