Локалните избори во Албанија ќе се одржат на 30 јуни 2019 година, соопштија од кабинетот на претседателот Илир Мета, кој по средбата со спикерот на парламентот Грамоз Ручи, го потпиша и указот за датумот на одржување на изборите.
На средбата, според соопштението од кабинетот на Мета, тој го запознал Ручи со консултациите кои ги имаше во изминатите денови со политичките партии околу датумот на одржување на изборите за новата локална власт во земјата.
Последните локални избори во Албанија се одржаа на 21 јуни 2015 година. На тогашните избори единствената партија на Македонците, Македонска алијанса за европска интеграција,МАЕИ освои едно градоначалничко место. По третпат довербата му беше дадена на Едмонд Темелко. Партијата со свои листи за советници учествуваше во 16 од вкупно 61 општина и освои дваесеттина советнички места,најмногу во општина Пустец.