Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал со кривична пријава до надлежното ОЈО Скопје го предаде инспекторот на Управата за јавни приходи, осомничен за примање поткуп.
„Осомничениот Љ.С.(62) од Скопје се товари дека во својство на даночен инспектор во УЈП, со намера да се стекне со противправна имотна корист, при вршење на службено дејство кое не смеел да го изврши, од сопственик на угостителски објект, побарал и примил поткуп во износ од 5.000 евра. Во вршењето на кривичното дело му помогнале З.К.(60) и нејзиниот сопруг Љ.К.(63), двајцата од Скопје, ангажирани како сметководители од оштетената страна. Инспекторот, вработен во Регионалната дирекција на УЈП во Скопје со намера да се стекне со противправна имотна корист, од крајот на јуни годинава до почетокот на ноември помогнат од сметководителите, во неколку наврати побарал, а вчера примил поткуп во износ од 5.000 евра. Поткупот го примил од А.С. во замена за тоа негов угостителски објект лоциран во ГТЦ да не плати поголема сума пари, која наводно ја должела кон УЈП, информира МВР“.
Од страна на А.С. на 9 октомври случајот е пријавен во СВР Скопје и веднаш се преземени соодветни мерки и активности. Вчера во трговски центар во Скопје остварена е средба меѓу пријавениот и оштетената. Љ.С. го примил побараниот поткуп од 5.000 евра, по што бил лишен од слобода. По ова лишени од слобода се и З.К. и Љ.К..