„Спајс Грлс“ ја најавија турнејата, но без Викторија Бекам

Наместо пет, ќе бидат четири, но сепак ќе одат на турнеја. Легендарната британска поп група „Спајс Грлс“ се обединува за новата турнеја, на која ќе настапува без Викторија Бекам, еден од основачките членови на групата.

Мелани Чизхолм, Мелани Браун, Ема Бантон и Гери Хорнер (екс Халивел) ќе одржат шест концерти во Велика Британија како дел од повратната турнеја на групата „Спајс Грлс“.

Првиот од шестте концерти ќе се одржи на 1 јуни 2019 година на стадион во Манчестер, а како поддршка на групата ќе настапи и британската пејачка Џес Глајн.

Во видеото кое го објави групата не се споменува отсуството на Викторија Бекам. Извештајот за медиумите вели дека Викторија се фокусира на нејзината модна линија, што и не е чудно ако се земе предвид тоа што таа отсекогаш беше отворена за нејзиниот недостаток од музички талент.

Групата „Спајс Грлс“ беше основана во 1994 година и до крајот на 90-тите имаше огромен успех не само на британската, туку и на светската сцена. По распадот на групата во почетокот на 2000-тите, секоја од пејачките издаде соло материјал, но денес само Мелани Чизхолм работи активно на музичката сцена.

Треба да знаете
Последни објави