Општина Охрид со најавената финансиска инекција од централната власт очекува финансиска консолидација и враќање на најголемиот дел од главнината на долгот. Моментално вкупниот долг на општина Охрид изнесува 1,47 милијарди денари или околу 24 милиони евра, од кои околу 15 милиони евра се основен долг, додека останатите се финансиски обврски кон доверители по најразлични основи, како и затезни камати.
Градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски на денешната прес-конференција истакна дека во текот на досегашните активности на новиот состав на локалната власт долгот за една година е намален за сто милиони денари или 1,6 милиони евра, поради што и отсуствувале дел од најавените инфраструктурни зафати.
– Општина Охрид не може сама да ги расчисти старите долгови, од кои некои датират од пред три децении, за да има стабилна финансиска состојба која во иднина ќе овозможи одржлив развој. Затоа одлуката на Владата за доделување неповратни средства со кои ќе се покријат 51 отсто од пријавените обврски на општините, средства предвидени со ребаланс на буџетот, е круна на досегашните разговори и цел еден процес за финансиско консолидирање на општина Охрид, рече Стојаноски.
Тој уште нагласи дека преку директни преговори со доверителите отпишани се дел од долговите на општината на име затезни камати, а дури укажа и на случаи на целосно откажување од побарувањата.
– Само преку склучување непосредни спогодби и регулирање на односите со доверителите, односно по пат на опростување од затезни камати, остварена за заштеда од повеќе од 17 милиони денари, рече Стојаноски.
Според него, најавените средства од Владата значајно ќе придонесат за финансиската консолидација на општината од една страна, намирување на обврските, а средствата ќе значат и инпут во локалната и економијата воопшто оттаму што сите доверители се стопански субјекти кои се очекува наплатените средства повторно да ги наменат за идни развојни проекти.
– Ако минатата година најголем дел од средствата од буџетот потрошивме за подмирување на долговите, очекуваме во иднина со финансиската консолидација нови развојни и структурни проекти што недостасуваа, не само во работењето на оваа туку и на претходните локални власти, рече Стојаноски.
Како успех на локалната самоуправа беа посочени примерите на најавеното целосно раздолжување на ОУ „Григор Прличев” веќе на почетокот на наредната година чиј долг изнесува над 600 илјади евра, потоа решавањето на проблемот со долгот кон вработените во Територијалната противпожарна единица со исплатени седум милиони денари, како и финансиската консолидација на јавните претпријатија преку исплата на сите заостанати плати и придонеси на вработените.
Големо финансиско растоварување општина Охрид очекува и од најавите од Владата за преземање на обврските околу стопанисувањето со Колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро.
– И денеска имаме разговори по тоа прашање, претставник на охридски „Водовод” пред Владата го презентира делбениот биланс на меѓуопштинското јавно претпријатие „Проаква”. Очекуваме централната власт да ја прифати одлуката донесена од Советот на општина Охрид , со преземање на обврските и побарувањата. Не можеме да го скриеме фактот дека приоритет во инфраструктурните работи во Охрид е токму колекторскиот систем, истакна градоначалникот Стојаноски.