Пратеничките Ременски и Александрова ќе ја водат Комисијата за помирување

Во Собранието денеска е формирана Комисијата за помирување, на иницијатива на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија”.

Иницијативата беше разгледана на координација на претседателот на Собранието Талат Џафери со координаторите на пратеничките групи и потпретседателите на законодавниот дом.

Со Комисијата за помирување ќе претседаваат потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска Ременски и пратеничката Емилија Александрова.

Претседателот на Собранието Талат Џафери по завршување на средбата рече дека е определен форматот на Комисијата која на следниот свој состанок треба да ги утврди надлежностите и содржините за коишто ќе дебатира. Членови на ова тело, според Џафери, ќе бидат потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи или нивните заменици, пратениците кои не се организирани во пратеничка група и определен број пратеници од најголемите пратенички групи СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Смета дека е подобро тој да не раководи со Комисијата.

– Подобро е да не раководам јас зашто во определени ситуации може да има мешање на андлежностите, рече Џафери.

Претседателот на Парламентот кажа дека координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски го информирал дека нема да присуствува на средбата и за ставот на опозициската партија, но, тоа, вели Џафери, тоа не е пречка за да се формира ова тело.

Веднаш на почетокот Координативната средба ја напушти Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците, кој смета дека ова е отворање на мала врата за амнестијата за настаните во Собранието на 27 април минатата година. Пратеникот во изјава по средбата рече дека нема да присуствува на натамошните средби.

Џафери оцени дека неговото напуштање на состанокот е преурането и дека Рашиди тој требало да почека и да види какви ќе бидат содржините за дискусија.

Претседателот на Парламентот, одговарајќи на новинарски прашања, потврди дека пратеникот и поранешен премиер Никола Груевски, побарал потврда дека е член на Комисијата за уставни прашања, и дека немало причина зошто да не му биде издадена. Утре Комисијата за мандатно имунитетни прашања ќе расправа за одземање на мандатот на Груевски, за кого има двгодипна правосилна затворска казна за случајот „Тенк”.

Во Собранието исто така утре почнува комисиската расправа за уставни прашања, за нацрт амандманите доставени од страна на Владата. Џафери уште еднаш ги појасни роковите и рече дека тие се јасни и оти нема простор за опструкции и пролонгирања. Пленараната седница е закажана за 1 декември.

Треба да знаете
Последни објави