ВМРО-ДПМНЕ: Околу 70 % од граѓаните сметаат дека има високо ниво на корупција во судството, здравството, царината и обвинителството
Анкетите покажуваат дека СДСМ изврши масовна дисторзија на целиот општествено – политички систем во државата, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во своето соопштение. Околу 70 % од граѓаните сметаат дека има високо ниво на корупција во судството, додаваат од партијата и посочуваат дека корупцијата е присутна и во здравството, царината и обвинителството.
„Македонија тоне кон дното, а граѓаните немаат доверба во системот. Очигледно системот „едно евро за Вицето, едно евро за црквата“ од Струмица Заев го пресликал на ниво на цела држава. Анализите покажуваат дека над 60 % од граѓаните не се чувствуваат безбедно. Оваа власт е директен виновник за тоа. Откако СДСМ е на власт, а Оливер Спасовски министер за внатрешни работи, има 9 нерасчистени убиства, голем број опожарени возила и грабежи. Ефикансноста на полицијата и откривачката дејност во Скопје е рекордно ниска, а стапката на криминалитет е енормно зголемена. Раководството на МВР наместо да го гони, го штити криминалот“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Неодговорниот однос на Спасовски и СДСМ, како што посочуваат од опозицијата придонел само 16 % од граѓаните да веруваат дека полицијата може да ја заштити нивната безбедност, додекаа остатокот или се потпираат на самите себе или не веруваат воопшто никому.
Граѓаните, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, немаат доверба ниту во институциите. Скоро сите институции во државата имаат помалку од 40 % доверба кај граѓаните, стои во партиското соопштение.