Медиумски реакции на изборите во САД
Изборите на половина претседателски мандат во САД денеска се главна тема на американските медиуми.
„Вашингтон пост” нагласувајќи дека демократите ќе освојат мнозинство во Претставничкиот дом, а републиканците ја задржаа контролата во Сенатот, наведува дека американскиот претседател Доналд Трамп со своето активно учество во предизборната кампања во која тврдеше дека изборите се тест за него, ја втурна својата Републиканска партија во дилема и ги натера нејзините кандидати да се насочат кон национални прашања, наместо пред избирачите да говорат за локалните теми и да ги нагласуваат своите индивидуални квалитети.
– Трамп во центарот на изборната кампања го постави прашањето за миграцијата во услови кога големо мнозинство од Американците (59 наспрема 37 отсто) не ја поддржуваат неговата миграциска политика. Наместо да се држи на темите за успесите во економијата, тој се зафати со прашањето за миграцијата, оценува „Вашингтон Пост”.
Според весникот, како една од причините за објаснување на ваквата тактика на Трамп се посочува неговата желба да го зацврсти тврдото јадро на неговите поддржувачи, кои ги поддржуваат ксенофобичните ставови.
Од друга страна некој аналитичари сметат дека прашањето на емиграцијата е единственото врз основа на кое тој може да обезбеди повеќе места за републиканците во Сенатот, на сметка на загуба на мандати во Претставничкиот дом, заклучува „Вашингтон Пост”.
„Волстрит џурнал”, пак, оценува дека новото демократско мнозинство во Претставничкиот дом ветува нова ера во контролата на Администрацијата на Трамп и ја отвора можноста за покренување импичмент за претседателот.
– Партиските лидери досега се воздржуваа да говорат за импичмент, иако не ја исклучуваат таквата можност. Сега тие можат да бидат изложени на притисок на своите сопартијци да почнат да го прават тоа. Освен тоа, демократското мнозинство ќе може да усвојува закони на кои до сега се противеа републиканците, како што се оние за подобрување на системот на здравствено осигурување, за мерки за контрола на оружјето и за зголемување на даноците за богатите, оценува њујоршкиот весник.
Според „Волстрит џурнал”, новина на овие избори е и тоа што демократите ја нарушија досегашната традиција на гласање на половина мандат кога станува збор за потрошените средства за изборната кампања.
Весникот посочува дека кандидатите на Демократската партија во 77-те изборни единици кои важеа за неизвесни околу победникот, од април, па досега потрошиле 170 милиони долари што е рекордна сума. За разлика од нив републиканските кандидати во овие изборни единици потрошиле „само” 97 милиони долари.
– Во минатите години тенденцијата на вакви избори беше обратна – републиканците трошеа многу повеќе средства за агитација од нивните противкандидати, наведува „Волстрит џурнал”.
„Лос Анџелес Тајмс” оценува дека овие избори се сметаа како референдум за политиката на Трамп и тој го загуби.
– Многу време пред избирачите да почнат да гласаат беше јасно дека овие делумни избори се исклучително важни, бидејќи ќе бидат референдум за уништувачкото и често срамно управување на Доналд Трамп, заклучува „Лос Анџелес Тајмс”.
Телевизијата „Фокс Њуз” оценува дека со новото демократско мнозинство во Претставничкиот дом, првпат по осум години демократите ќе можат да започнат постапка за импичмент против претседателот Трамп.
Си-Ен-Ен оценува дека со тоа што околу 40 проценти од избирачите се појавија на едни избори на кои по правило има слаба излезност, јасно го покажаа своето несогласување со политиката на Трамп.