Нови рочишта за „Титаник” и „Тотал”

Нови рочишта за „Титаник” и „Тотал”

Со слушање на преостанатите „бомби” денеска во Кривичниот суд треба да продолжи судењето за предметот „Титаник” на Специјалното јавно обвинителство.

На минатото рочиште во судницата беа пуштени педесетината снимки. Како и на претходните „бомби”, најчесто се слушаше гласот на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, и тоа како договара авиони од Швајцарија и Италија за луѓе кои биле договорени да гласаат за нив на локалните избори во 2013 година.

Во „Титаник” се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Ново рочиште за денеска е закажано и за предметот „Тотал” во кој е обвинет е новинарот Драган Павловиќ-Латас за затајување на данок во висина од 121.414 евра преку правните лица „Тотал” маркетинг” ДООЕЛ, „Тотал” медија центар” и „Медијамакс” и 63.032 евра како физичко лице.

Набавката на опремата за себе ја евидентирал како опрема за фирмите, иако во фирмите немало вработени лица, односно во една фирма имало само еден вработен.

Треба да знаете
Последни објави