(Видео) Расчистени долгови, нов паркинг и осветлување за една година во Ѓорче

Расчистени долгови, нов паркинг и осветлување за една година во Ѓорче

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски денеска даде отчет за сработеното во првата година одмандатот. Се осврна на поголем број реализирани проекти од сите сфери на локалната самоуправа кои значително го подобрија квалитетот на живот во оваа
општина.

За 2019 година најави капитални инвестиции, како градинката во Волково, изградбата на Корзото и финиширање на значителен дел од фекалната и атмосферска канализација.

Во прилог Ви ја пренесуваме прес-конференцијата на Наумоски интегрално

Измина една година од стартот на мојот четиригодишен мандат кога ја добив довербата од моите сограѓани да го направиме Ѓорче Петров посакувано место за живеење. Водејќи се од принципите на отчетност, транспарентност и домаќинско управување, за 12 месеци јас и мојот тим, со поддршка од Советот, успеавме да завршиме многубројни проекти од сите сфери од локалната самоуправа. За кратко време, сработевме многу. И горд сум на тоа вели Градоначалникот Нумоски.

Иако наследивме катастрофална состојба, особено во финансискиот дел, за краток период ја застанавме општината на “здрави нозе”. Успеавме да ги расчистиме наследените долгови и успешно да закрепнеме. Општината ја презедовме со реален долг од околу 248 илијади евра и неплатени фактури во износ од вкупно пола милион евра. Со правилно менаџирање на средствата, успеавме да го исплатиме реалниот долг од 248 илјади евра. Долгот е исплатен уште на почетокот на годината. Ги скративме во значителен дел и непродуктивните трошоци, оние за службени патувања, гориво за возилата и  репрезентација, од кои дел од нив беа поголеми во трите последни месеци владеење на претходната власт, за разлика од цела година од кога сум јас градоначалник. Во голем дел, извршивме и пренамена на средства, од непродуктивни трошоци насочивме во спорт, помош за новороденчиња, за болни и изнемоштени, социјални случаи..

Работиме чесно, домаќински и со навремени финансиски чекори. Ѓорче Петров е меѓу првите три општини без долг во Република Македонија.

Во моментот на преземање на мандатот, покрај финансиски лошата состојба, Ѓорче Петров беше речиси одминато од надворешни соработници во однос на поголеми или помали инвестиции што би донеле добробит за граѓаните. Но, состојбата беше иста и одвнатре, условно речено во дворот на општината. Ѓорче Петров пред една година, односно во годините наназад, беше донесено на ниво да биде тотално неплодно тло за почеток на било каков капитален проект од интерес на грѓаните. Ниту пак, имаше нешто започнато што ние би можеле да го наследиме или пак, довршиме.

Почитувани медиуми,

Тоа што било е зад нас. Би сакал да информирам за тоа што ние сработевме.

Во делот на инфраструктурата кој беше речиси целосно запоставен, задоволство ми е што можам да Ве информирам дека во годината наназад реконструирани се повеќе од 30 улици, поставен е нов асфалт во должина од 29 километри, а опфативме со бекатон, патеки и помали улички во должина од 5 километри. Успеавме за кратко време за голем број домаќинства да обезбедиме фекална канализација, но и да поставиме атмосферска онаму каде имаше големи проблеми при посилни врнежи. Имено, поставена е фекална канализација во должина од 11 километри, а атмосферска во должима од 594 метри. Во овој контекст, би сакал да најавам дека Советот донесе одлука за целосно уредување на улиците “Радушка” и “Црногорска”, како и поставување канализациска мрежа-проект вреден 13 милиони денари со што конечно ќе ги решиме долгогодишните проблеми на тамошните жители. Во селото Никиштани, веќе се поставува нова водоводна мрежа во вредност од околу 5 милиони денари-проект што треба да се финишира до крајот на годинава, а со кој ќе се добие питка и бактериолошки чиста вода за домаќинствата кои со години се служат со бунари. Исто така, го реконструиравме и патот до крстот во село Кучково, а обезбедивме нов паркинг кај пазарчето и кружно насочување кај гробиштата во Ѓорче.

 

Ѓорче Петров го затекнавме во мрак. Секојдневно примаме повици со жалби од граѓани кои со години немаат улично осветлување. Досега, променивме и поставивме приближно 2.000 нови улични светилки. Во соработка со Град Скопје, конечно беше поставен семафор пред основното училиште “Мирче Аце” на критичната точка на улицата “Борис Сарафов” со што значително е зголемена сообраќајната безбедност, особено кај децата, а во контекст на најмладите, реконструиравме и над 20 детски и повеќе од 10 спортско-рекреативни игралишта.

 

Во однос на урбаната опрема, поставени се над 100 нови клупи, чешми, корпи за отпадоци и огради на локации низ целата општина. Непрекинато се грижиме за животната средина. Досега интервениравме на многу локации во однос на чистење, косење површини и зазеленувње. Исто така, во континуитет ги расчистуваме и дивите депонии, а планираме и зачестено казнување на прекршителите на законите. Воедно, отворивме и истурена канцеларија како мини-општина во Волково и земјоделска канцеларија во Ново Село каде наши вработени оттаму им излегуваат во пресрет на оние кои имаат потреба и можеби се спречени да дојдат во општината.

 

Во делот на социјалата, во тек е постапка за изградба на три нови занимални за проширување на градинката до ООУ “Мирче Ацев” со капацитет на прием од 60 до 100 деца, а ангажиравме 13 нови негувателки заради подобрување на условите за најмладите. Исто така, воведовме и социјална партолна служба, ангажиравме лица за помош на социјално загрозени граѓани и помош на стари и изнемоштени лица, и организиравме неколку големи хуманитарни акции за помош на наши сограѓани.

Во образованието, пак, обезбедивме бесплатна ужинка за секое прваче и бесплатна еднодневна екскурзија за децата од одделенска настава. Вработивме 15 образовни асистенти за помош на лицата со хендикеп, ја завршивме реконструкцијата на салата во ОУ “Димитар Поп Георгиев Беровски”-инвестиција вредна 1 милион денари, променивме табли на кошеви каде што беше неопходно, а се уште очекуваме позитивни одговори на апликации за реконструкција на кров на едно училиште и за изградба на нова спортска сала во подрачното училиште во Хром.

Во спортот, меѓудругото, со околу 4 милиони денари вкупно досега, значително помогнавме за враќање на ФК Македонија Ѓорче Петров во првата лига и се уште финансиски му помагаме на клубот кој е наша гордост, го стабилизиравме ФК Волково, помогнавме за враќање на ракометот, односно на Македонија ЃП во Првата лига, за оформување на нов кошаркарски клуб, а ниту едно барање за помош на индивидуален спортист не е одбиено.

За првпат годинава, Ѓорче Петров со манифестацијата “Звуци на културата” доби современ и модерен лик, по европски примери. За истата одвоивме околу 1 милион денари, а во текот на тие пет дена организиравме ден на општината, музички настапи на познати имиња, спортски настани, хуманитарни акции, кино на отворено, ликовни колонии.. Исто така, првпат, општината спроведува проект во делот на енергетската ефикасност, односно за промена на фасади и кровови на згради со 30 проценти субвенции од општината. Аплицирањето се уште е во тек.

Би сакал да нагласам дека се што досега наведов е со пресек до средината на минатиот месец, но и оттогаш имаме остварено серија проекти, особено од инфраструктурен карактер и активности од делот на животната средина.

Ова е само дел од она што завршивме. Во годината што доаѓа, ќе работиме со уште посилно темпо, а секој граѓанин што има потреба од нас, ќе биде примен во општината и сослушан, како и досега.

Поголем дел од проектите во мојата програма од локалните избори очекувам да се завршат и пред предвидениот рок. Исто така, ќе се водиме и по програмата за работа и активности на секторите, проектирани со Буџетот на општината.

За 2019 година, се очекува да биде поставен камен-темелникот за изградба на нова градинка и здравствен дом на место на постоечкиот во Дексион преку јавно-приватно партнерство, во соработка со министерствата за труд и социјална политика и за здравство. Со ова, би се отвориле нови капацитети за над 100-тина дечиња, но и значително би се подобриле условите за лекување и за работа на здравствените работници. Во почетна фаза е подготовка на документацијата и за градинката во Волково со чија изградба значително би се намалил бројот на деца што чекаат за упис во градинките. За оваа градинка, веќе се подготвува и проектот, чиј старт го очекуваме следната година.

Во подоготовка сме и на проектот за враќање на старото Корзо кај паркот со кое се надевам следната година ќе го заживмееме малскиот и чаршиски живот во Ѓорче, очекуваме завршување на значителен дел од предвидените улици за асфалтирање, меѓу кои да ги финишираме и оние 33 кои ги работиме во соработка со Министерството за транспорт и врски, да поставиме атмосферска и фекална канализација онаму каде што луѓето имаат неопходна потреба од тоа, дел од уличките да ги поплочиме со бекатон, како и да го спроведеме проектот за ново модерно улично осветлување на кој веќе почнавме да работиме. Но, тука нема да застанеме. Со новопроектираниот домаќински Буџет кој е во подготовка и за кој исто така ќе ги вклучиме и граѓаните со свои предлози, не чека многу работа.

Ѓорче Петров дефинитивно станува транспарентна, препознатлива, модерна и урбана општина! Горд сум што граѓаните веќе го покажуваат задоволството од нашата работа и тоа ме мотивира да се заложам уште повеќе нашето Ѓорче да стане посакувано место за живеење со сите соодветни услови потребни за секојдневно функционирање на моите сограѓани рече Наумоски.

 

Треба да знаете
Последни објави