Помина низ многу лиги, играше на четири континенти и ќе остане познат како еден од најдобрите напаѓачи од неговата генерација, а денеска става крај на фудбалската кариера – на возраст од 40 години, Дидие Дрогба реши дека му е доста од играње фудбал.
Дидие Дрогба последниот натпревар го одигра во вечерта од четврток према петок, кога неговиот тим Феникс Рајзинг загуби од Луивил Сити со резултат 1:0.
Најдобрите играчки денови Дрогба ги помина во Лондон, каде со тимот на Челзи ги освојуваше Премиер лигата, ФА купот и Лигата на шампионите. Во дресот на Челзи тој четирипати беше шампион во лигата и ФА купот, трипати го освои Лига купот, двапати се закити со трофејот од Комјунити шилд и еднаш беше европски шампион. Додека беше дел од „сините“ тој одигра 341 натпревар и постигна 157 погодоци.
Токму тој, заедно со Петр Чех и Френк Лампард, беше мотор на тимот кој во 2012 година триумфираше во финалето од Лигата на шампионите, каде Дрогба го постигна израмнувачкиот гол против Баерн Минхен, кој го одведе мечот во пенал завршница, каде популарниот Дидие повторно погоди од белата точка.
Откако си замина од Челзи тој играше за Шангај Шенуа, па во Галатасарај за во 2014 година повторно да се врати во составот на „сините“ од Лондон. Само една година подоцна замина во МЛС лигата каде играше за тимот на Монтреал Импакт, а до вчера беше играч и делумен сопственик на тимот Феникс Рајзинг.
Тој беше дел од репрезентацијата на Брегот на Слоновата коска цели 12 години, за која одигра 104 натпревари и постигна 65 гола. За жал, ниту еднаш не успеа да освои репрезентативен трофеј иако беше дел од најсилната генерација на неговата земја.