Министерство за здравство воведе три нови типови инсулин кои се најнова генерација лекови. Еден од нив е наменет за децата, а станува збор за Тресибатаж, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче во обраќањето на форумот „Што е потребно за добра контрола на дијабетесот и среќно семејство”, што се одржа во пресрет на 14 Ноември, Светски ден на дијабетес, во организација на Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија- Баланс МК.
„Го укинавме паралелниот увоз на инсулин и терапија за дијабетес. Паралелниот увоз не гарантираше квалитет на инсулинот, ниту пак имавме контрола дали терапијата која им е потребна на пациентите во земјава влегува исправна, дали е запазен неопходниот ладен синџир кога се транспортираат овие лекови, рече министерот Филипче“.
Министерството за здравство, посочи, сега е пред нов предизвик, да обезбеди сензори за континуирано мерење на гликемијата во крвта. Нагласи дека за почеток потребни се околу 500 вакви сензори, за да можат да се покријат месечните потреби на децата, а со нивната набавка ќе им олеснат и на бремените жени кои имаат гестациски дијабетес.
„Како Министерство, но и како општество секако треба многу повеќе да обрнеме внимание на стигматизирањето на децата со дијабет. Сведоци сме дека дел од овие деца имаат пречки да бидат дел од предучилишниот процес во градинките, поради стравот на кадарот. За жал, стигматизирање има и во училиштата се разбира неоправдано. Дијабетесот не е заболување, тоа е состојба, која ние се трудиме да ја олесниме и ги охрабруваме и децата и родителите сосема храбро да чекорат низ животот и со дијабетис, рече министерот Филипче“.
Во Македонија има регистрирани 500 дечиња помлади од 14 години кои имаат дијабетес и секојдневно примаат инсулинска терапија. Во моментов во светот има повеќе од 425 милиони лица кои имаат дијабетес, а се предвидува дека до крајот до крајот на 2030 година, бројот на лица со дијабетес ќе изнесува барем двојно повеќе.
Од Министерството за здравство наведуваат дека подолжуваат и натаму да ја подигнуваат јавната свест преку едукација, трибини, да обезбедува најдобри и најсовремени терапии и лекови за пациентите со дијабетес и да соработуваат со граѓанските организации за подобрување на условите и квалитетот на животот на децата со дијабетес.