Претседателот Ѓорге Иванов со сопругата на покана на Францускиот претседател Емануел Макрон, денеска во Париз присуствуваше на церемонијата по повод одбележувањето на стогодишнината од крајот на Првата Светска Војна.

Од Кабинетот на Иванов испратија фотографии од Иванов со дел од светските лидери кои присуствуваа на комеморацијата.

Иванови беа пречекани во Елисејската палата од францускиот претседател Макрон и неговата сопруга, Брижит Макрон, по што заедно со присутните шефови на држави и влади се упатиле кон Триумфалната капија, каде што се одржа централната свеченост по повод стогодишнината од крајот на Првата Светска Војна.

На церемонијата каде што свое обраќање имаше Макрон присуствуваа над 80 шефови на држави, влади и меѓународни организации, меѓу кои американскиот претседател, Доналд Трамп, претседателот на Европката Комисија Жан Клод Јункер, Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, германскиот канцелар, Ангела Меркел, рускиот претседател, Владимир Путин, претседателите на Србија, Албанија, Косово, и Бугарија, Александар Вучиќ, Илир Мета, Хашим Тачи и Румен Радев, грчкиот премиер, Алексис Ципрас, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.




