Секторот за односи со јавност во РЕК Битола информира дека е во тек санацијата на оштетен дел од металната конструкција на претоварниот уред на багер СРС 2000/2, ангажиран на ископ на јаловина на Втор БТО систем во Рудникот Брод Гнеотино.
Во соопштение до јавноста од РЕК Битола посочуваат дека се работи за незначителна материјална штета, а последиците од дефектот што се случи викендов во РЕК Битола, ќе бидат санирани во рок од една недела со ангажман исклучиво на вработените во ПЕ „Рудници”.
„Нон сенс се тврдењата дека дефектот ќе влијае на било кој начин врз цената на произведената електрична енергија на АД ЕЛЕМ, како и на потребата за дополнителен ангажман на надворешни фирми, се нагласува во соопштението од комбинатот, од каде дополнуваат дека во АД ЕЛЕМ се работи домаќински, а најголем доказ за домаќинското работење на АД ЕЛЕМ, вклучително и Подружницата РЕК Битола е фактот што Државните електрани на Македонија во текот на годинава седум пати продале вишоци електрична енергија на отворениот пазар и оствариле приход од скоро 20 милиони евра. Исто така, првпат по многу години, АД ЕЛЕМ побара од Регулаторната комисија за енергетика и намалување на цената на струјата, информираат од РЕК Битола“.