Граѓанската иницијатива за здраво, достоинствено и возвишено живеење ,,Преродба“ која пред една недела со денови го блокираше сообраќајот кај Собранието, за денеска повторно најави дека ќе ги блокира улиците од 16 до 20 часот.
„Веќе една седмица како полицијата, со полициски кордон, нè спречува да ја блокираме раскрсницата пред Собранието и Градската болница. Првиот ден, кога беше поставен кордонот, со образложение дека треба да минува некоја делегација, а во петокот, 9 ноември, со образложение дека тоа е поради Градската болница, дека со тоа ги штитат болните во Градската болница!? Здружението на граѓани, Граѓанска иницијатива за здраво, достоинствено и возвишено живеење ‘Преродба’ ја поздравува грижата на полицијата за болните во болницата и како здружение со високо развиена свест и совесност за здраво живеење ќе продолжи да ја блокира раскрсницата, секој работен ден од 16 – 20 часот. Барем неколку часови во денот болните и вработените во болницата да бидат во мир и поздрава животна средина!“, велат од „Преродба“.
Од таму ги повикуваат, како што велат, сите совесни и одговорни суверени и граѓани на Република Македонија, медиумите и целата македонска јавност да ги поддржат блокадите во одбрана на македонскиот суверенитет и да застанат за својата татковина, но и за болните и вработените во болницата барем неколку часа во денот да им се создадат почисти, поздрави услови и заштита од бучавата и од отровните гасови од возилата.