Трамп со твит за состојбите во Калифорнија ги разгневи пожарникарите и славните личности

Американскиот претседател, Доналд Трамп, на Твитер ја објасни својата теорија за вистинските виновници за катастрофалниот пожар во Калифорнија.

Како што соопшти Си-ен-ен, Трамп со пораката предизвикал гнев кај сиде шефови на противпожарните одделенија. Неговата порака гласи: „Нема друга причина за овие масивни, смртоносни и скапи шумски пожари во Калифорнија, освен дека стопанисувањето со шумите е многу лошо. Милијарди долари се даваат секоја година, со толку многу изгубени животи, а сето тоа поради катастрофално лошото стопанисување со шумите. Исправeте го тоа веднаш или нема веќе федерални плаќања по оваа основа“.

Во Калифорнија на власт се демократите кои се редовна мета на Трамп.

Противпожарните службеници брзо му возвратија на Трамп, поради, како што велат, навредата на пожарникарите и политизирањето на оваа природна катастрофа.

„Неговите коментари беа невнимателни и навредливи за сите пожарникари и луѓето кои се погодени”, рече претседателот на Меѓународната асоцијација на пожарникарите, Харолд Шејтбергер.

Исто така реагираше и претседателот на Здружението на пожарникари од Калифорнија кој пораката на претседателот ја нарече напад врз сите мажи и жени во оваа сојузна држава.

Реагираа и повеќе луѓе од јавниот свет.

„Причината поради која пожарите се проширија се климатските промени и историската суша. Помошта за жртвите и напорите за ублажување на штетите од огнената стихија, во оваа држава не смеат да се сведат на партиски препукувања“, рече актерот Леонардо ди Каприо.

„Ова е апсолутно бездушен одговор. Во оваа катастрофа не е вмешана никаква политика. Додека вие твитате, добрите американски семејства кои ги загубија своите домови се евакуираат“, наведе пејачката Кети Пери.

Трамп, сепак, подоцна посвети и еден твит во кој ги пофали пожртвуваните пожарникари.

Треба да знаете
Последни објави