Адвокатот Дангов нема сознание каде се наоѓа Груевски
Адвокатот на поранешниот премиер Никола Груевски кој се бара со потерница, Димитар Дангов изјави дека нема сознание каде се наоѓа неговиот клиент.
Тој во писмена изјава за ТВ 21 наведува дека Груевски нема право на жалба до Врховен суд за одлуката од Кривичен. Сепак, додава дека ќе се искористат сите останати правни можности.
Во меѓувреме, полицијата постапувајќи по потерницата продолжува да трага по Груевски по вечерашните два неуспешни обида да го пронајде во неговиот дом и да го спроведе на издржување на двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“. Од МВР за МИА велат дека ќе ја информираат јавноста штом ќе имаат конкретни сознанија.
МВР на својата веб – страница веќе ја објави и потерницата со фотографија од Груевски, распишана на барање на Кривичниот суд во Скопје, откако Груевски не се пријави во затворот во предвидениот рок.
Судот попладнево во 16.30 часот го достави до СВР Скопје барање за издавање потерница против Груевски, откако изминативе денови судските курири не успеаја да му го достават решението на Советот на судот со кое се одбива неговата жалба во однос на двегодишната затворска казна за „Тенк“.