ВМРО-ДПМНЕ ги повикува Зоран Заев, Јани Макрадули и Петре Шилегов веднаш, веднаш да престанат со нивниот проект за стигматизирање на цели категории на граѓани, а кој што се однесува на налепниците на возилата поврзани со издувните гасови, рече денеска на прес-конференција Владимир Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој рече дека според замислата на Заев, Шилегов и Макрадули многу мал број на возила односно само возилата на оние кои што можат тоа да си го дозволат ќе бидат обележани со зелена налепница.
„Оваа нивна мерка е директно насочена против средната класа во Република Македонија и против сиромашните. Затоа што нивните возила нема да можат да бидат забележани со зелена налепница. Тие луѓе со месеци и со месеци нема да можат да ги користат нивните возила, нема да можат слободно да се движат и ќе имаат реални конкретни, практични проблеми во нивното дневно функционирање. И тие и нивните семејства“, посочи Ѓорчев.
Тој обвини дека властите не нудат никакви решенија за загадениот воздух, туку, како што рече, гетоизирање и стигматизирање на средната класа во Македонија и на сиромашните во Македонија кои што не можат да си дозволат онакви возила какви што замислиле Шилегов, Заев и Макрадули.
Од име на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорчев ги повика Зоран Заев, Јани Макрадули и Петре Шилегов веднаш да прекинат со нивниот проект за, како што рече, ограничување на движењето на средната класа и на сиромашните луѓе во Република Македонија и како скандалозен го оцени проектот за лепење на налепници на возилата.