Судење „Монструм“: Отпечатоците на Алил Демири пронајдени на два автомобили

Судењето за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година продолжува на 19 ноември, откако на денешното рочиште беа сослушани три вешти лица од МВР, кои вршеле анализи и испитувања на неколку предметни возила.

За случајот „Монструм” во претходна постапка, предмет на анализа биле возилата „опел омега”, „голф 3″, „фолксваген пасат”, „пежо 306″ и „мазда 626″.

Вештакот, кој работел на анализа на идентитетот на возилата преку европскиот систем за регистрација на возила, објасни дека идентификациониот број на возилата содржи 17 броја, преку кои тоа возило се разликува од сите други возила од ист тип и марка.

– Возилото” опел омега” е со оригинален идентификациски број, меѓутоа при проверка во системот е утврдено дека регистарските ознаки се оригинал, но не се од ова патничко возило, односно припаѓаат на “мерцедес тип123”. Од извршените проверки во база на регистрирани моторни возила во Македонија за пмв “опел омега” е констатирано дека ова возило никогаш не било регистрирано во Македонија, изјави вештото лице.

Во однос на останатите возила “пежо 306”, “фолксваген пасат”, “мазда 626” и “фолксваген голф”, вештакот кажа, дека сите биле со оригинален идентитет и регистарски таблички.

На прашање од СЈО, дали имало клуч од возило кога вршел испитувања, вештакот рече дека возилото било со оригинален клуч, успешно го стартувал и од борд компјутерот видел дека има гориво за уште околу 130 км.

Претходно, двајцата вештаци, кои вршеле анализа на отпечатоци од прсти и траги на возилата „пежо 306″, „мазда 626″ и „фолксваген пасат” кажаа дека по извршената анализа кај трагите од возилата, кај  „пежо 306„ биле идентификувани траги на лицето Алил Демири и тие на лицето Самир Љута, кое е подоцна внесено во системот за анализа од СВР Скопје, додека кај трагите од „фолксваген пасат” биле идентификувани лицата Алил Демири, Агим Исмаиловиќ и Фејзи Азири.

Претседателот на судечкиот совет Огнен Ставрев, на почетокот информира дека се уште нема одговор на барањето за екстрадиција на двајца од обвинетите, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се во бегство на Косово.

Случајот „Монструм” во февруари годинава почна од почеток и се уште се наоѓа во доказна постапка.
За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите и случајот го презеде СЈО.
Треба да знаете
Последни објави