Судот го замрзна имотот на осомничените во „Империја“
Кривичниот суд го замрзна имотот на осомничените во случајот „Империја“ меѓу кои се и бизнисменот Орце Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.
„Судија на претходна постапка постапувајќи по барања на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, за привремено одземање на имот заради обезбедување, а поврзан со конкретниот предмет, судијата определи привремени мерки и забрани отуѓување и располагање со уделите на правните лица за кои постои основано сомнение дека била прибавена имотна корист со кривичните дела за кои се води постапката“, велат од кривичниот суд.
Исто така, на предлог на СЈО, судот ги прифати предлозите и со решенија наложи на повеќе банки да го запрат одливот на парични средства од сметките на предметните правни лица. Од Судот нема информации за кои фирми станува збор.
Од судот информираат и дека одбраната на притворените, меѓу кои и Камчев, доставиле жалби кои се испратени на одговор кај надлежното обвинителство, а по добиениот одговор Кривичниот совет дополнително ќе одлучува по истите.