Унгарската влада ниту потврдува ниту демантира дека бившиот премиер Никола Груевски бара азил во Унгарија. Во краткиот одговорот на прашањата од „Макфакс“ се вели:
„Не можеме ниту да потврдиме ниту да демантираме. Не коментираме поединечни барања за азил кои сè уште се процесираат“, се вели во одговорот од унгарската влада.
„Макфакс“ праша дали експремиерот Груевски контактирал со Амбасадата на Македонија во Унгарија, дали побарал азил, од кој граничен премин влегол во државата, а се интересиравме и за процедурата за добивање азил во Унгарија.
„Макфакс“ испрати и прашања до унгарската амбасада во Скопје, а откако не добивме одговор, отидовме и во седиштето на амбасадата за да добиеме одговори на дел од прашањата, но на екипата на „Макфакс“ не ѝ беше дозволено да влезе. Засега единствениот сомнеж дека Груевски е во Унгарија е статусот на неговиот официјален профил на „Фејсбук“ во кој тој вели дека имал закани по живот и бара азил од унгарските власти.