Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески го осудува бегството на експремиерот Никола Груевски.
,,Најостро го осудувам ваквиот чин бидејќи ќе влијае негативно на судските предмети во целост, а посебно во оние предмети каде сме заедно обвинети”, вели Јанакиески за „Макфакс“.
Тој ги замоли медиумите да информираат објективно и посочи дека стои на располагање.
,,Повикувам да престане лицитирањето за идни притвори и притисок врз судот. Ниту сум планирал, ниту планирам да бегам и во моментов сум во Скопје, а утре во 9:30 ќе бидам на судското рочиште за предметот ‘Титаник’”, вели Јанакиески.
Тој посочува дека присуствувал на сите рочишта без исклучок, а некогаш и секој работен ден и ги почитувал мерките определени од судот.