ССК: Со менторство до побрз развој на човечките ресурси во компаниите

Законско регулирање на менторството на работното место, потреба од изготвување на стандард кој воедно ќе биде и водич при имплементација на менторската врска, како и потреба од дополнителна стандардизирана обука за менторите и менторираните, се детектираните клучни предизвици за успешна реализација и примена на менторството во нашата земја кое е од голема важност за професионалниот развој на човечките ресурси во компаниите, беше истакнато на прес – конференција во Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК).

За таа цел  извршниот директор на Сојузот, Александар Зарков и претседателот на Македонската мрежа на ментори Славица Николовска потпишаа Меморандум за соработка.

Зарков истакна дека главната улога на менторството е преку развивање на менторска програма да се пренесат знаења, експертиза и искуство, а со нејзино реализирање да се овозможи професионален развој на менторираниот.

Во развиените земји особено во САД, менторството претставува дел од корпоративната култура. Во нашата земја менторството се спроведува во администрацијата и академијата, додека компаниите се соочуваат со предизвици за негова имплементација, пред се поради нерегулираниот однос кон менторот во одредена компанија. Во досегашните обиди за имплементација на менторството во стопанството, компаниите се соочуваат со недостаток од правна заштита и утврдување на законска рамка на поимот ментор и неговата улога во компанијата. Компаниите сметаат дека терминот ментор треба да се регулира законски, бидејќи при инспекциски надзор се доведуваат во ситуација за утврдување неправилности, токму поради нерегулираниот статус на менторот “, изјави Зарков и додаде дека ова е од исклучителна важност заради придонесот за развој на човечките ресурси во компаниите, особено во денешни услови на одлив на квалитетен човечки капитал.

Николовска истакна дека веќе седум години Македонска мрежа на ментори се залага за подобрување на економското опкружување преку поддршка на претприемниците и малите и средни претпријатија преку менторство, едукација и настани за вмрежување.

Голем број на сопственици на компании или менаџери на институции при реализација на својата менторска улога имаат можност да менторираниот го поканат во својата компанија, како би можел менторираниот одблизу да ја види работата на менаџерот/сопственикот. Многу често ваквиот тип на едукација доведува и до понуда за вработување. Но, во сегашниот закон за работни односи како  форми на советување и учење се издвоени практиканството, стажирањето и волонтирањето. Овој тип на неформална едукација во компанија не е препознаена и како таква би можела да креира проблем доколку менторираниот е затекнат во компанијата од страна на трудовата инспекција, при што и компанијата и менторираниот би подлежеле на парична казна“, истакна Николовска. 

Таа додаде дека досега оваа менторска релација е уредена само со т.н џентлменски договор потпишан од двете страни во кој се истакнати само основите на менторската врска, но и вака уреденото менторство не го мотвира менторот-компанијата да го преземат ризикот.

На настанот јасно беше истакната потребата од креирање на дијалог со бизнис секторот, заради систематизирање на менторскиот пристап и  изготвување на стандард кој воедно ќе биде и водич при имплементација на менторската врска.

Треба да знаете
Последни објави