Унгарската влада за „Макфакс“ вели дека властите дозволиле Никола Груевски да поднесе барање за азил, а со тоа да биде сослушан и во седиштето на Канцеларијата за миграција и азил во Будимпешта бидејќи тоа е законско прашање.
„Никола Груевски поднесе барање за азил кај соодветната служба во Унгарија. Со оглед на фактот дека тој беше премиер на Македонија 10 години, од безбедносни причини унгарските власти му дозволија на г. Груевски да го поднесе барањето за азил и да биде сослушан во седиштето на Канцеларијата за миграција и азил во Будимпешта, која ќе ја спроведе процедурата во согласност со унгарските и со меѓународните закони“, стои во дописот на унгарската влада до „Макфакс“.
Оттаму велат дека Македонија е стратешки партнер и важен сојузник на Унгарија. Според нив, добрата соработка меѓу двете земји е важен темелник за развој на балканскиот регион и за безбедноста на Европа.
„Актуелната македонска влада е партнер на Унгарија и затоа ние на ниеден начин не сакаме да се мешаме во внатрешните работи на суверените држави и сметаме дека разгледувањето на барањето за азил на поранешниот македонски премиер е чисто законско прашање“, се додава во дописот од унгарската влада.
Тие велат дека во согласност со унгарскиот закон, унгарските власти нема да даваат понатамошни детали за процедурата за азил на Груевски пред таа да биде завршена.