Аргентинецот Сантијаго Солари ја започна сениорската тренерска кариера одлично, откако во четирите натпревари на клупата на Реал Мадрид забележа исто толку победи. Тој доби тригодишен договор и беше претставен како нов тренер на клубот.
Сантијаго Солари доаѓа од екипата на Кастиља, односно Б-тимот на Реал Мадрид, а тој доаѓа на местото на Хулен Лопетеги кој беше отпуштен поради лошите резултати од почетокот на сезоната.
Потрагата по нов тренер на Реал Мадрид заврши брзо и раководството реши дека е подготвено да му даде шанса на Сантијаго Солари, кој е поранешен играч на шпанскиот гигант и до минатиот месец беше тренер на нивниот Б-тим. Тој доби тригодишен договор со кој се обврза на соработка до сезоната 2020/2021.
Претходно со истата позиција беше поврзуван Антонио Конте, но главните фудбалери во соблекувалната на Реал Мадрид се изјаснија дека Италијанецот нема да биде добредојден во нивниот тим, па набрзо и Конте изјави дека нема да го преземе шпанскиот клуб.
„Вистината е дека сме пресреќни со него. Немаме сомнение дека тој доаѓа во вистинскиот момент и ни покажа дека е подготвен веднаш да донесе резултати“, изјави директорот на клубот, Емилио Бутрагењо.
Во четирите натпревари кои ги одигра тимот на Реал Мадрид под водство на Солари успеа да постигне 15 гола и да прими само два. Наредниот натпревар за актуелниот европски шампион доаѓа на 24 ноември, веднаш по репрезентативната пауза, а противникот е Еибар.