Aериканскиот претседател Доналд Трамп, благо речено, не е воодушевен од идејата на Емануел Макрон и Ангела Меркел за создавање на европска армија. Гневот по однос на ова прашање тој го истури на социјалната мрежа Твитер каде на Французите им се потсмеваше поради нивниот слаб отпор во Втората светска војна.
Трамп уште минатата недела предлогот на Макрон го нарече многу навредлив, бидејќи францускиот претседател во едно интервју истакна дека Европа треба да има своја армија за да не зависи од САД. Во истото интервју, Макрон порача дека Франција мора да се заштити од хакирање од страна на Русија, Кина, па дури и во САД, што Трамп намерно или ненамерно го протолкува како заштита поради која е потребна европската армија.
Сепак, се чинеше дека францускиот и американскиот претседател се издигнале над спротивставените ставови кога се сретнаа на одбележувањето на годишнината од крајот на Првата светска војна во Париз.
Но, новиот испад кој Трамп го направи на Тивтер сугерира дека тој е далеку од помирување со неговиот француски колега. Имено, во серија на твитови, Трамп отворено се исмева на сметка на Французите.
„Емануел Макрон предлага воспоставување на војска со цел Европа за заштити од САД, Кина и Русија. Сепак Германија беше непријателска земја во Првата и Втората светска војна – како тоа се одрази на Франција? Почнаа да учат германски во Париз пред да дојдат силите на САД. Или платете за НАТО, или не“, гласи твитот на Трамп со кој тој го започна својот „виртуелен напад“ врз Франција.
Трамп потоа се префрли на својата втора најголема забелешка кон европските сојузници – трговијата.
„Што се однесува до трговијата, Франција произведува одлично вино, но тоа го прави и САД. Проблемот е што Франција силно ја отежнува продажбата на американски вина на своја територија и наплаќа високи царини, додека пак САД го олеснува увозот на француски вина и наплаќа многу ниски царини. Тоа не е фер, и мора да се промени“, смета американскиот претседател.