Град Скопје официјално ја објави одлуката за номинирање на Скопје како можен кандидат за титулата на Европската комисија „Европска престолнина на културата“.
„Оваа апликација е доказ за нашите заложби за европски модерен град, каде што вистинските културни вредности ќе бидат на највисоко ниво. Сите активности на Градот во културата (како што е реновирањето на Универзална сала) ќе бидат насочени кон целта Скопје во 2028 година да биде европска престолнина на културата“ – изјави Шилегов.
Тој додаде дека речиси и да нема главен град во Европа којшто не бил кандидат за овој престижен статус и потсети дека да се биде европска престолнина на културата, не значи само богата програма на настани, туку и заграбување и оживување на нови културни простори.
„Тоа е потврда на културната различност на Европа и илустрација за тоа како културата обединува и не знае за граници. Таа се повеќе зазема важно место во развојот на градовите, но и претставува двигател на урбаниот, социјалниот и економскиот развој. Искуството од досегашните европски престолнини на културата вели дека за секое вложено евро, Градот инкасира 8. Токму затоа, оваа титула ќе значи и зголемен број на странски туристи, и препознатливост, и поголем развој. Годината 2028 ќе дојде набрзо и ќе помине, но она што овој град ќе го добие како наследство од сето тоа, ќе трае со години. Покрај тимот предводен од Роберт Алаѓозовски како стратешки координатор, јас искрено верувам дека во 2028 година Скопје ќе биде Европска престолнина на културата и ќе се вброи во редот на еден Ливерпул, Даблин, Амстердам, Мадрид, Истанбул, Копенхаген…“– рече Шилегов.
Градоначалникот на Пловдив, Иван Тотев, посочи дека по аплицирањето за оваа престижна титула научиле да планираат долгорочно и да пишуваат стратегии за проекти што би се реализирале по 5 или 10 години, но секако тоа што го издвои како најбитно е дека граѓаните почнале да се гордеат со својот град.
Давор Бујинац, советник во Одделението за култура и координатор на кандидатурата на Град Љубљана, Словенија – град кандидат за Европска престолнина на културата за 2025 година, изјави дека Љубљана е отворен град и ова е одлична можност за стратешка соработка и споделување искуства како градови кандидати за оваа значајна титула.
Во месец септември годинава се формираше работна група која го почна процесот на работа на иницијативата Скопје Европска престолнина на културата 2028, координирана од Робер Алаѓозовски, национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка во кабинетот на премиерот Зоран Заев. Работната група е составена од експерти во полето на културниот менаџмент, стратешко планирање и одржлив развој.