Предлог-законот за амнестија на осомничените, осудените и обвинетите за 27 април доставен од ВМРО-ДПМНЕ пред пратениците ќе се најде на седницата закажана за 26 ноември.
„Со Законот за амнестија на лицата осомничени, обвинети и осудени за собраниските настани од 27 април 2017 година се предвидува и уредува начинот на ослободување од кривично гонење, запирањето на поведените кривични постапки и целосното ослободување од издржување на казната затвор на лицата осомничени и обвинети во судските постапки кои се водат пред судовите на територијата на Република Македонија, а во врска со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година.
Со законот се определува и бришење на осудата и се укинува правната последица на осудата заклучно со денот на влегување на законот во сила“, се наведува во предлогот доставен до Собранието.
Предлог-законот го доставија од ВМРО-ДПМНЕ по иницијативата за формирање тело за помирување во кое тие најавија дека нема да учествуваат бидејќи, според нив, тоа е селективна правда.
Од партијата побараа предлог-законот за амнестија да се разгледува уште на претходната седница кога се гласаше за одземање на мандатот на експремиерот Никола Груевски, но тоа не беше прифатено од мнозинството пратеници.