ВМРО-ДПМНЕ: Никој не верува дека Заев не знаел за бегството на Груевски
СДСМ има целосна контрола врз судството, Обвинителството и полицијата, власта не може, а да не знаела за бегството на Никола Груевски. Никој повеќе не верува во зборот на Зоран Заев, ниту неговите најгласни пулени и поддржувачи не веруваат дека тој лично не знаел за бегството на Никола Груевски. СДСМ е речиси две години на власт во Македонија, а сè уште се однесува како опозиција, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, одговорност мора да има, а како и секогаш, одговорноста е во власта, која овој пат, за жал, ја предводи токму аболираниот Зоран Заев. На одродената и криминална власт во овие мрачни моменти од македонската историја секој дефокус на јавноста од целосниот крах на државата ѝ е добредојден. Па, така, додека ја замајуваат јавноста со бегството на Никола Груевски, во Собранието го менуваат Уставот на државата спротивно на волјата на граѓаните, ги зголемуваат даноците, додека сиромаштијата е во пораст, безмилосно ги задолжуваат граѓаните, а парите ги користат за исплата на партиски и државни функционери преку криминални тендери и грантови.
„Цела Македонија, како и аболираниот Зоран Заев и министерот за прогон и терор, Оливер Спасовски, добро знаеше дека Никола Груевски не се крие во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Причината за опсадата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ е јасна, целта беше создавање евтин театар и заплашување на членовите и активистите на партијата со полициски притисок.
Одговорноста за бегството на Никола Груевски лежи, единствено, во власта со која предводи аболираниот криминалец Зоран Заев и министерот задолжен за прогон и терор, Оливер Спасовски“, се вели во соопштението.