Народната банка на Република Македонија ја објави првата едукативна игра за финансиско едуцирање на младата популација насловена „Заработете и штедете”, којашто е достапна за слободно преземање од интернет-страницата на НБРМ, како виндоус и андроид-апликација.
Автор на играта е Маријан Зиновски, студент на Факултетот за информатички и комуникациски технологии при Универзитетот „Св. Климент Охридски” во Битола, а играта е избрана на конкурс за изработка на едукативна игра којашто НБРМ го распиша во февруари годинава. Целта е преку забава да се зголеми интересот кај младата популација за штедењето и финансиите.
– НБРМ верува дека играта ќе ја оствари целта за којашто е создадена – да придонесе кон повисоко ниво на финансиска писменост кај децата и младите. Централната банка и натаму ќе се обидува преку креативни и иновативни пристапи и решенија да вложува во финансиската едукација во Република Македонија, велат од НБРМ