Владата на Република Македонија на својата 103 седница го усвои Предлог – буџет на Република Македонија за 2019 година, кој ќе биде доставен на усвојување до Собранието на РМ.
Вкупните приходи у расходи во Предлог – Буџетот се во рамките на предвидените параметри на Министерството за финансии, и резултираат со намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 2,5% од БДП.
Планираниот дефицит е во согласност со Фискалната стратегија на Република Македонија 2019-2021 и ја потврдува планираната фискалната консолидација, проследена со натамошна буџетска дисциплина и обезбеден значителен фискален простор за инфраструктурни проекти и поддршка на домашната економија, за зајакнување на социјалната праведност и сигурност, и за забрзување на евро-атлантските интеграциски процеси.
На седницата на Владата е усвоен и Предлог – закон за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2019 година.
Како предточка на денешната седница, Владата на РМ беше разгледан и усвоен предлог за план и мерки за утврдување Програма за намалување на аерозагадувањето со одлука за измени и дополнување на Одлуката на Владата на РМ за утврдување на стратешките приоритети за 2019 година, со која намалувањето на аерозагадувањето се утврдува како стратешки приоритет за идната година.
За остварување на мерките од оваа програма, Владата го задолжи Министерството за финансии да ја вклопи Програма за намалување на аерозагадувањето во предлогот за Буџетот на Република Македонија за 2019 година.