Црногорската полиција официјално: Груевски влезе во Црна Гора и ја напушти истиот ден
Црногорската полиција објави соопштение по информацијата дека експремиерот Никола Груевски на патот кон Унгарија поминал низ Албанија, по што влегол во Црна Гора.
„По повод наводите што се објавени во медиумите, како и интересирањето на медиумите по ова прашање, а кои се однесуваат на тоа дали поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски, влегол во Црна Гора на 11 ноември 2018 година, поради вистинитоста на информирањето на јавноста го објавуваме следново: Никола Груевски ја напуштил Црна Гора истиот ден кога влегол во нашата земја. Црногорската полиција во целост ги испочитувала законските процедури“, се наведува во соопштението на управната полиција во Црна Гора.
Во соопштението нема детали од кој граничен премин Груевски заминал од земјата.
Претходно албанската полиција соопшти дека експремиерот Никола Груевски преку албанската граница заминал за Црна Гора на патот кон Будимпешта. Албанската полиција јави дека Груевски ја поминал границата преку преминот Хан Хоти-Муриќан, на албанско-црногорската граница, во возило во сопственост на унгарската амбасада во Тирана.
Албанската полиција додаде дека во периодот кога Груевски ја поминал границата немало издадено меѓународна потерница по него.