Иако се мртви веќе со години, овие познати личности продолжија да „заработуваат“. Меѓу најпрофитабилните мртви ѕвезди се поранешни пејачи, актери, писатели, но и по еден голфер и боксер.
Најплатената мртва популарна личност е Мајкл Џексон, кој и оваа година се најде на врвот на листата .
Пејачот оваа година заработи околу 400 милиони долари, од кои најголем дел доаѓаат од продажба на авторските права. Мајкл Џексон се наоѓа на врвот на листата на мртви познати личности со најголема заработка веќе шест години по ред. Тој почина во 50-тата година од животот, на 25 јуни 2009 година.
На второто место се наоѓа Елвис Присли, со заработка од 40 милиони долари оваа година, додека на третото место на оваа бизарна листа се наоѓа голферот Арнолд Палмер, кој почина од срцев удар на возраст од 87 години. Тој оваа година заработи 35 милиони долари.
Веднаш зад него, на четвртото место се наоѓа легендарниот креатор на серијалот за Снупи и Чарли Браун – Чарлс Шулц. Тој почина од рак на дебелото црево на 12 февруари 2000 година, но и понатаму успева да „заработува“ и оваа година инкасираше дополнителни 34 милиони долари. Петтото место на листата му припаѓа на јамајканскиот реге-пејач Боб Марли, кој почина млад, на 36-годишна возраст. Во текот на оваа година тој заработи 23 милиони долари, од кои најголем дел дојдоа поради продажба на авторските права на неговиот лик и песните кои ги пееше.
Дел од листата се уште и Хју Хефнер, Мерилин Монро, Принс, Џон Ленон, Мухамед Али – ликови кои ја стекнаа славата многу одамна, но помеѓу нив е и американскиот рапер Екс-Екс-Екс-Тентасион, кој беше убиен летово на 20-годишна возраст. Откако почина, неговата заработка изнесува околу 11 милиони долари.