Повеќе земји членки на ЕУ и европски институции денеска изразија задоволство од предлог-договорот за Брегзит, што го постигнаа преговарачите на Унијата и Велика Британија.
Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека е многу задоволна од усогласениот предлог, но предупреди дека постои ризик тој да не доведе до суштински договор.
-Многу сум задоволна што по долгите преговори, кои не беа секогаш лесни, двете страни сепак успеаја да усогласат предлог, изјави Меркел на прес-конференција во Потсдам.
Меркел нагласи дека патот до конечниот договор се уште не целосно трасиран, бидејќи претстои одобрување на предлог-документот од страна на британскиот Парламент.
Според неа, најлошо би било доколку овој предлог не резултура со конечен договор.
– Тоа е алтернатива која треба да се има предвид, нагласи Меркел.
Францускиот премиер Едуар Филип оцени дека предлог-договорот претставува голема чекор напред, но дека се уште постои загриженост во врска со неговото конечно усвојување.
Шпанскиот државен секретар за европски прашања Луис Марко Агиријано изјави дека Владата во Мадрид е задоволна од предлог-договорот и изрази надеж дека британската премиерка Тереза Меј ќе успее да обезбеди поддршка во Парламентот во Лондон.
Агиријано истакна дека Мадрид е посебно задоволен што во предлогот „фигурира и прашањето за Гибралтар”.
Првиот човек на Комитетот за Брегзит на Европскиот парламент, Ги Верхофштат го поздрави предлог-документот, оценувајќи дека тоа е „најдобриот договор” што ЕУ можела да го издејствува.
Според него, договорот претставува добра основа за идните односи меѓу ЕУ и Велика Британија.
Верхофштат нагласи дека очекува Европскиот парламент да го одобри договорот за Брегзит на почетокот на следната година, пред предвиениот термин за истапување на Велика Британија од ЕУ – 29 март 2019 година.