Фудбалската репрезентација на Македонија, во рамките на петтото коло во Групата-4 во Лигата на Нации, вечерва ќе гостува во Лихтенштајн. Македонските репрезентативци се на добар пат да го освојат првото место во групата, кое носи пласман во Ц-дивизијата во Лигата на Нации и место во плејофот во ова натпреварување.
Избраниците на Игор Ангеловски ја предводат табелата во Групата 4, по четири натпревари имаат девет бода, три повеќе од Ерменија и Гибралтар, а вечерaшниот противник има три бода.
Покрај натпреварот Лихтенштајн-Македонија, вечерва се игра и мечот Гибралтар-Ерменија. Во зависност од резултатите Македонија уште вечерва може да го обезбеди првото место на табелата. Минатиот месец, во Скопје, Македонија го победи Лихтенштајн со 4-1.
Против оваа репрезентација македонската репрезентација ја има забележано најголемата победа во историјата, на 9.ноември 1996, токму во Вадуз Македонија победила со 11:1.
За да се случи тоа „црвено-жолтите“ ќе треба да победата во Лихтенштај, а натпреварот во Гибралтар да заврши без победник.
Селекторот Ангеловски екипата за натпреварот во Вадуз ќе ја составува без неколкумина стандардни фудбалери. Поради жолти картони овој меч ќе го пропуштат Елиф Елмас и Езџан Алиоски, додека Стефан Ристовски и Дарко Велковски се повредени.
Натпреварот во Вадуз ќе започне во 20:45 часот, а во истиот термин ќе започне и дуелот во Гибралтар.