Христов: „Еј!” е рефлексија на нашето најблиско болно минато
„За време на една ноќна забава, група пријатели имаат спиритуална сеанса. На шега се обидуваат да стапат во контакт со духот на Александар Велики. Меѓутоа, наместо духот на античкиот лидер, меѓу нив се материјализира вистинскиот премиер на Македонија. Набргу, низ целиот свет се шири веста за исчезнувањето на македонскиот шеф на владата. Светските медиуми пренесуваат дека исчезнал од спалната соба…”
Со овој краток текст за содржината, „Синедејс” во фестивалскиот каталог ја најави премиерата на македонскиот игран филм „Еј!” од Васил Христов за 18 ноември во кино „Милениум”. Изгледа како пародија напишана деновиве, но оваа интригантна најава е од пред неколку седмици, а, пак, самата филмска приказна е од пред една деценија. И по долго чекање на средба со гледачите, доцнењето на „Еј!” стигнува во вистински час – па режисерот, кој меѓу претставите има и една со наслов „Темпирана опера”, сега има и случајно темпиранa филмска премиера. Сепак, вели тој, исчезнувањето на премиерот во неговата политичка сатира е во сосема друг контекст од она што е актуелно во земјава.
Во интервју за МИА Христов зборува за политичката блокада на неговиот проект кој во фазата на постпродукција останал во фиока, заглавен за некое друго време, и за борбата за него од која не се откажал. Неговата режисерска поетика, вели, најчесто е критична кон актуелните политички случувања и од тие причини во изминатата деценија немал можност да работи никаде.
Пред десет години го работевте филмот „Еј!”, зошто помина толку време до неговото прикажување?
– Филмот „Еј” го снимивме пред точно десет години, со една група професионалци со кои претходно соработувавме на мојата претстава „Мара Сад”. Понесени од позитивната енергија дека сме направиле нешто битно и суштинско во театарот – претстава која отворено го обелодени и му удри шлаканица на диктаторскиот карактер на владејачкиот режим. И покрај тоа што претставата од публиката беше примена со овации, како последица на нашиот политичка слободоумност таа доживеа неколку скандали и после нецела сезона беше симната од репертоарот.
Но наместо да кренеме раце и да се предадеме на грубото насилие врз нашата уметност, голем дел од екипата од претставата реши да навлезе во уште поголема авантура – да сними целовечерен игран филм без никаков буџет кој ќе биде одговор на политичката цензура наметната од власта. Така, се роди „Еј! Колектив” – неформалната група на професионални ентузијасти кои шест недели работејќи по шеснаесет часа дневно, потполно инкогнито, без никакви услови, сепак успеа да го сними филмот „Еј!”. На 24 декември 2008 година падна првата, а на 3 февруари 2009 последната клапа на филмот. Всушност, ги искористивме термините на новогодишните празници кога сите славеа и никој не се сомневаше дека нешто на режимот „субверзивно” му се случува. Во реализација на оваа „субверзија” беа вклучени повеќе од педесетина „соучесници”.
Меѓутоа, никој од нас не можеше да претпостави дека откако успеавме да го постигнеме „невозможното”, на следниот чекор ќе наидеме на непремостиви пречки. Сите ние со нетрпение очекувавме да го видиме резултатот од постпродукцијата. Но после неколку седмици, зборот околу веќе снимениот филм „Еј!” веќе беше „пуштен”.
За жал, во фазата на постпродукцијата дојдоа и проблемите. Отпрвин позајмував компјутер на неколку дена од пријатели за сам да го измонтирам филмот. Конечно, другар ми Коце ми поклони компјутер за да ја завршам монтажата. Потоа следуваше епопејата на колор корекција и визуелни ефекти – нешта за кои дефинитивно се неопходни многу посериозен занает, луѓе, машини итн. Тогаш сфатив дека режимот, всушност, посредно успеа да го блокира филмот. Поради неговата радикална содржина никој не се осмелуваше да го помогне неговото завршување. Веќе не се ни сеќавам на која сè врата немам тропнато и колку пати бев одбиван.
Знаев и да изгубам ентузијазам низ годините, но секое ново случување на политичката сцена ми даваше одново мотив дека треба да ја продолжам борбата за филмот. Не е лесно секојдневно, речиси цели десет години да го гледаш сопственото дело во фиока. Да пробуваш да ја избришеш прашината што ја насобрало, постојано да му се навраќаш, но никако да не можеш да му го видиш крајот. Да изгубиш десет години во најзрелото творечко доба за еден уметник е погубно. Сепак, сега кога конечно филмот ќе види бел ден, чувствувам некакво олеснување, но истовремено и трема и возбуда, и едвај чекам да го споделам со светот.
Филмот е фикција за исчезнување на премиер и се поклопи со вистинското исчезнување на поранешниот премиер. Како го доживувате тоа непосредно пред премиерата – како мала непријатност поради неочекуваното совпаѓање или сметате дека токму таа околност му дава дополнителен публицитет?
– Се разбира дека „исчезнувањето” на премиерот во филмот е во еден сосема друг контекст отколку во реалните актуелни случувања во земјава. Сепак, кога луѓето кои веќе го виделе филмот ќе ме прашаат како сум можел некои работи да „предвидам” одговарам дека јас не сум ниту „пророк” ниту „јасновидец”. Напротив, сосема е логично дека еден манијакално шизофрен режим кој бескрупулозно го шиканира интелектот на својот народ ќе заврши на буниште и сите негови протагонисти кукавички ќе се обидат да си ја спасат сопствената кожа.
Жанровски „Еј!” е политичка сатира која ги исмева тогашните идеолошки матрици на партијата на тогашната власт. Во 2008, кога го спремавме „Еј!”, над нас го имавме „само” крстот на Водно, а хорор-прикаската „Скопје 2014″ допрва подло се крчкаше. Затоа, во филмот се опфатени само почетоците на умноболната антиквизација.
Залетот на таа таканаречена „антиквизација” тогаш беше во зародиш, но преку реториката на тогашната владејачка партија се наѕираше неверојатниот концепт за генетски инженеринг со масите. Концепт директно преземен од нацизмот.
„Еј!” е рефлексија на нашето најблиско болно минато и амбисот во кој многу лесно можевме да пропаднеме за никогаш повеќе да не се вратиме. Во оваа смисла може само да се заклучи колку некои „духови” од блиското минато на политичката сцена, никогаш не престануваат да бидат актуелни и колку сè уште чувствуваме гнев кон нив, а од нивните злосторства сè уште не можеме да се ослободиме.
Огромна е штетата што им се дозволи да го сменат личниот опис на државава и да остават ваков пустош зад себе. Културниот геноцид кои тие го спроведоа, за мене има еднаква тежина како злочин против народот.
Вие го напишавте сценариото, кажете ни нешто повеќе за концептот, жанрот и стилот на „Еј!”?
– Соработници на сценариото беа моите колеги Николина Кујача и Оливер Митковски. Уште на самиот почеток кога почнав да размислувам за фабулата, жанрот, стилот и формата на филмот, ми беше јасно дека без средства залудно е да се обидуваме да имитираме „нормално” избуџетиран филм. Но токму поради фактот што не должевме никому ништо имав храброст да бидам радикален во пристапот кон темата и разработката.
Во таа смисла, решив дека филмот, пред сè, треба најмногу да им се обрати на младите и бунтовни интелектуалци бидејќи верував дека тие се единстваната сила која евентуално може да ја покрене бурата на промената во инаку строгоконтролираната инертна турско-серијална жабокречина во којашто западнаа како најниските, така и највисоките интелектуални слоеви на општеството.
Како театарски режисер Ве знаеме по „Мара Сад”, „Темпирана опера” – од чија премиера поминаа десетина години. Сега работите на нова претстава во Драмски театар, ќе откриете ли нешто за неа?
– Во Македонија се вратив во 2007 година. Оттогаш ги сработив претставите „Мара Сад” и „Темпирана опера” во МНТ, „Будење на пролетта” во Турскиот театар, како и претставата „Класен непријател” во нашиот независен театар „Wonderland”. Сите проекти беа критички настроени кон актуелните политички случувања и кон одредени општествени состојби. Од тие причини и бев отфрлен и непосакуван низ македонските театри. Театарот беше до тој степен партизиран, што јас имав забрана за пристап кон која било театарска институција. Бев протеран од театрите и затоа скоро девет години не работев во државните институции.
По долго неработење претстави, пред две години ја направив „Девојката и смртта”, претстава која зборува за последиците од политичката тортура, во која главните ликови беа: една жена жртва на политички прогон, нејзиниот мачител и специјалниот јавен обвинител.
Мојата режисерска поетика е најчесто критична кон актуелните политички случувања и од овие причини во изминатата деценија немав можност да работам никаде, а камоли во МНТ или во Драмски. Ова е мој прв проект во оваа театарска куќа и признавам дека соработката со оваа актерска екипа ми причинува огромно задоволство.