На поранешниот премиер Никола Груевски ќе му се суди во отсуство за случајот „Насилство во Центар“, одлучи судечкиот совет на денешното рочиште, на кое од затворот „Шутка“ беше донесен екс министерот Миле јанакиевски.
Бидејќи веќе неколку дена е во бегство, во Унгарија, екс премиерот Никола Груевски не се појави на денешното рочиште за “Насилството во Центар”.
Обвинителката Фатиме Фетаи побара на Груевски да му се суди во отсуство, бидејќи рече дека е во бегство и не може да се предвиди кога обвинетиот ќе биде достапен. На тоа реагираше адвокатот Димитар Дангов, кој рече дека неговиот клиент не е бегалец.
Бараме постапката за Груевски да се раздвои бидејќи тој не е бегалец. Тој го искористил правото да побара азил и позната е адресата на која се наоѓа, рече Дангов.
Обвинителката Фатиме реагираше дека Дангов зборува за друга околност, за азил, па му препорача на Дангов да замине во Унгарија и таму на Груевски да му дава правни совети.
Таа од судот побара на Груевски да му определи и притвор, независно што на поранешниот премиер му бил одреден притвор за случајот „ТНТ”, но истакна и дека секој предмет бил засебен.
Судот донесе одлука на Груевски да му се суди во отсуство, а за мерката притвор ќе одлучат откако од Собрнието ќе добијат известување дека за пратеник се бара притвор.